ноември 21, 2024

Муцунски-Тајани: „Италија е, и останува еден од најголемите поддржувачи на нашите стратешки и надворешно-политички цели“

Тајани ја истакна заложбата на Италија за Северна Македонија „да биде полноправна членка на ЕУ во што пократок временски рок“

Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани, престојува во официјална посета на Северна Македонија, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, јавува Анадолу.

Министрите Муцунски и Тајани најпрвин одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше средба на делегациите на двете министерства.

На заедничката прес-конференција министрите изразија задоволство од пријателските односи кои се градат веќе три децении.

Министерот Муцунски истакна дека ова е прва посета на министер за надворешни работи од земја членка на Европската Унија по формирањето на новата Влада во Северна Македонија.

„Италија е, и останува еден од најголемите поддржувачи на нашите стратешки и надворешно-политички цели, особено кога станува збор за полноправното членство во ЕУ“, изјави Муцунски.

Тој додаде дека се разговарало и за економската соработка, со цел зголемување на трговската размена, потсетувајќи дека Италија е една од 10-те најголеми трговски партнери на Северна Македонија.

Италијанскиот министер Тајани ја оцени како многу позитивна средбата со неговиот македонски колега, додавајќи дека неговата посета е јасна порака за големата важност на Балканот за Италија.

Тој, исто така, ја истакна заложбата на Италија за Северна Македонија „да биде полноправна членка на ЕУ во што пократок временски рок.“

Тајани најави организирање и на бизнис форум со италијанските претприемачи, како и иницијатива за забрзување на изградбата на Коридорот 8 кој ги поврзува Албанија, Северна Македонија и Бугарија.

Во текот на посетата, шефот на италијанската дипломатија ќе оствари средби и со државниот врв на Северна Македонија.





AA

Read Previous

Град Скопје поднесе 20 проекти на јавниот повик на Владата

Read Next

Македонија и со играч помалку до победа над Ерменија во Лигата на Нации