Помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на Сенатот, истакна дека САД ќе се вклучи активно во разговорите за спроведување на договорот меѓу Скопје и Софија откако Бугарија ќе формира постабилна влада.
„Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија, и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“, рече О’Брајан.
Демократската сенаторка Џин Шахин праша што САД може да направи повеќе за да ги охрабри Европејците да ги исполнат ветувањата кон државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ.
О’Брајан одговори дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ.
Бугарија тврди дека нема да поставува нови услови на патот кон ЕУ, но инсистира на вклучување на Бугарите во македонскиот Устав. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски нагласи дека нема да преговара со диктати и ултиматуми и дека Бугарија треба да ги почитува правата на македонската заедница, за чие прекршување има 14 пресуди од Меѓународниот суд за човекови права.
Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер, истакна дека договорите со Грција и со Бугарија нема да се преговараат одново.
„Тие договори се направени. Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно“, рече Агелер во интервју за Радио Слободна Европа минатиот месец.