ноември 21, 2024

Сиљановска Давкова: “Skopia или FIROM, името што од нас бараат да го почитуваме, тие никаде не го истакнале“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека иако го критикува, ќе го почитува Преспанскиот договор, кој е правен факт. Таа очекува и Грција да го почитува договорот.

На вчерашниот настан по повод 20-годишнината од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), Сиљановска Давкова одговори на новинарско прашање дека не смета дека го прекршила Преспанскиот договор.

”Јас го почитувам Преспанскиот договор – не гледам дека сум го повредила. Впрочем и во самиот Преспански договор јасно стои дека во документите, во комуникацијата ќе се употребува името од Преспанскиот договор. Значи, јас не гледам тука дека е тоа повреда. Јас ниту ја искинав изјавата, ниту реков дека нема да го почитувам Уставот, ниту реков ќе го раскинувам Преспанскиот договор. Едно е што јас сум го критикувала Преспанскиот договор, заради постапката на донесувањето, заради неусогласеноста со Повелбата на Обединетите Нации. Но, тоа е правен факт, тоа е реалност и јас ќе ја почитувам”, рече Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека верува во слободата на изразување, самоидентификација и самоопределување, коja можe да бидe и колективнa и индивидуалнa.

”Значи, за мене, слободата на мислата како дел од Универзалната декларација за слободите и правата, како дел од Конвенцијата за заштита на слободите и правата, како дел од Конвенцијата на ЕУ за фундаментални права, им овозможува на луѓето да се изјаснуваат по сопствено наоѓање и јас не гледам тука дека сум го повредила Преспанскиот договор”, наведе претседателката Сиљановска Давкова.

Прашана дали ова ќе влијае на нашата ЕУ перспектива, таа рече дека треба да се праша грчката страна. Сиљановска Давкова посочи дека земјата ги смени документите за внатрешна употреба, според Преспанскиот договор, што треба да се случи пет години по неговото стапување во сила и по отворањето на првото поглавје. Таа праша дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е отстапување од Преспанскиот договор.

”Не би можела јас да одговорам, бидејќи веројатно грчките претставници најдобро можат да кажат. Понекогаш и слушам некакви предупредуваа и закани, но јас вака велам дека точно е дека во меѓународното право важи начелото дека требна да се почитуваат договорите, но еве мислам секогаш кога бараме од другиот да стори нешто, логично е во една вин – вин логика да се запрашаме што сторивме ние. Јас мислам дека сите кои биле во Грција можат да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме, тие никаде не го истакнале. Се уште има Скопје, Skopia, дури го има и акронимот на повеќе места, да не зборувам за меморандумите. Еве кога веќе ме прашавте само да кажам дека за мене најважниот мемораднум е оној за помошта при евроинтеграциите. Значи затоа очекувам со пример да се стори нешто и еве да укажам на уште нешто што исто така не се истакнува. Имено, ние ги сменивме и документите за внатрешна употреба, меѓутоа токму во однос на овие постапки, таму има во Преспанскиот договор се вика дека ќе почне примената, односно ќе треба да го оствариме ова пет години по неговото стапување во сила, ама пишува и по отворањето на првото поглавје. Јас имам прашање за себе, за Грција и за сите други дали ние отворивме некое поглавје и дали тоа не е исто така превид, не велам прекршување. Дали тоа не е исто така отстапување од Преспанскиот договор”, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Read Previous

Ахмети пристигна во Собранието, не кажа дали ќе го поддржи Гаши за претседател

Read Next

По 20 години Али Ахмети и ДУИ седнаа во опозициските столчиња, но не им се допадна, па брзо ја напуштија салата