декември 3, 2024

Мицотакис: Без почитување на Преспанскиот, патот кон ЕУ останува затворен

Пристигна одговор од официјална Атина по вчерашната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека има право да ја нарекува земјата како што сака и дека преферира да се употребува само името „Македонија“. Тој воедно искажа поддршка за претседателот на државата, Гордана Силјановска Давкова, која во свечената изјава не го употреби новото уставно име. Реагираше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Тој вели дека патот до Европа ќе остане затворен доколку новата Влада во земјава не го почитува целосно Договорот од Преспа.

„Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво, нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот“, рече Мицотакис.

Претходно, шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис порача дека нема простор за отстапки околу Договорот од Преспа. Герапетритис истакна дека еден од условите во евроинтегративниот процес за земјава е токму Договорот од Преспа, кој, според него, точно укажува на примената на уставното име на државата.

„Грција будно ќе ја следи ситуацијата во Северна Македонија. Навистина бараме од Владата и од претседателот на Северна Македонија верно да го имплементираат Договорот од Преспа. Ние се радуваме да продолжиме со разговорите, но не може да се толерираат никакви отстапки“, рече Герапетрис.

Мицкоски вчера повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелира да нема веќе, како што вели, закани, опструкции и враќање назад во минатото, туку двете страни да гледаат кон иднината. Тој додаде дека не очекува односите меѓу двете држави да се темелат на политички мускули и нагласи дека и ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Мицотакис имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, бидејќи ниту на едните, ниту на другите не им се допаѓал договорот. Мицкоски истакна дека ако Грција смета дека земјава го прекршила Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда.

Read Previous

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков неповреден во судар на две возила, едно лице загина, а две се повредени

Read Next

Францускиот министер за европски прашања, Баро:Прашањето за членството на Косово во Советот на Европа треба да се разгледа подоцна