Кинескиот претседател Шји Џјинпинг пристигна во Будимпешта доцна вчера, по посетата на Франција и Србија.
Унгарија, под десничарскиот премиер Виктор Орбан, стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина, за разлика од некои други земји на Европската Унија (ЕУ), кои размислуваат да станат помалку зависни од втората по големина економија во светот.
Во Париз, претседателот Емануел Макрон и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, го притиснаа да обезбеди порамномерна трговија со Европа и да го искористи своето влијание врз Русија за да стави крај на војната во Украина.
Шји треба да се сретне со Орбан подоцна во текот на денот, со војната во Украина и инфраструктурните проекти високо на агендата.
Изјавата за новинарите се очекува во 3:30 часот локално време.
Шји рече дека пријателството меѓу Кина и Унгарија не било насочено, ниту диктирано од некоја трета страна, објави кинеската официјална новинска агенција.
Шји, исто така, рече дека се надева оти Унгарија ќе го преземе ротирачкото претседателство со ЕУ во втората половина на годината како можност за промовирање на здрав развој на односите меѓу Кина и ЕУ.
Унгарија и Кина, кои одбележуваат 75 години дипломатски односи, се очекува да потпишат 16 до 18 нови договори за соработка, од кои еден може да биде голем инфраструктурен проект во рамките на огромниот кинески проект „Појас и пат“, рече министерот за надворешни работи Петер Сијарто оваа недела.
Орбан почна да ја приближува земјата до Пекинг откако дојде на власт во 2010 година.
Топлите политички односи се претворија во инвестиции околу една деценија подоцна кога производителите на батерии и електрични возила почнаа да го носат производството во Унгарија.
Кина го донесе производството на батерии во Европа прво за да заштеди на трошоците за испорака. Следниот чекор е производство на кинески електрични возила во Унгарија.