ноември 22, 2024

Вучиќ ќе биде носител на листата на власта за изборите во Белград

Претседателката на српското собрание и функционерка на владејачката Српска напредна партија (СНС), Ана Брнабиќ изјави дека носител на листата со која таа партија и нејзините партнери ќе учествуваат на повторените избори во Белград, ќе биде претседателот на Србија, Александар. Вучиќ.

На 6 април, Брнабиќ за телевизијата Прва изјави дека „огромна чест е да се биде под тој бренд“.

„Одиме во широк фронт, носител на листата е Вучиќ, но ќе биде така што имињата на сите коалициски партнери ќе бидат во заграда. Сакаме јасно да им покажеме на белграѓани со кого одиме. Ние се гордееме со тоа“, изјави Брнабиќ.

Таа изјави дека овој „широк фронт“ го сочинуваат СНС, Социјалистичката партија на Србија, Единствена Србија и Партијата на обединети пензионери.

Во коалицијата се и Српската радикална партија на хашкиот осуденик Воислав Шешељ, Социјалистичкото движење на поранешниот шеф на разузнавачката агенција Александар Вулин и Српската народна партија на поранешниот министер Ненад Поповиќ.

Вулин и Поповиќ се на црната листа на Соединетите Американски Држави, меѓу другото, поради нивните врски со Русија.

Според Ана Брнабиќ, на листата на прогресивци се Социјалдемократската партија на Расим Љајиќ, Здружението на граѓани „Семеен аларм“ и други.

Коалицирање со СНС на претстојните избори претходно најави и претседателката на десничарската партија Заветници, која досега беше во опозиција.

Повторените локални избори во Белград се закажани за 2 јуни, откако ниту една листа не доби доволно советнички мандати за да ја преземе власта во декември.

Пред распишувањето на изборите не беше постигнат договор за изборните услови на кои инсистира опозицијата.

Брнабиќ за телевизијата Прва најави дека ќе продолжи да инсистира на дијалог со опозицијата, но дека не и е јасно што „точно бараат“.

Таа рече и оти е изненадена бидејќи опозицијата инсистирала сите локални избори да се одржат во ист ден и никој од нив да не и го дал да го види нацртот што тие го споменувале.

Клучното барање на опозициските коалиции „Србија против насилството“ и НАДА, на кое власта не се согласи, беше редовните локални избори во другите градови и општини да се одржат во ист ден како и во Белград.

Претставниците на опозицијата изјавија дека одржувањето на изборите во исто време е „единствената бариера за да се спречи повторување на изборната кражба и преместување на гласачите од град во град“.

Владата ги негираше наводите на опозицијата и домашните набљудувачи на изборите дека гласачи од други градови и од соседните земји биле донесени во Белград за да гласаат за владејачката СНС.

Засега нема одговор дали опозицијата ќе ги бојкотира изборите доколку сите локални избори не се одржат во ист ден.

Редовни локални избори треба да се одржат во 88 градови и општини, меѓу кои и 17 градски општини во Белград.

Доколку владата се согласеше да се одржат и другите локални избори на 2 јуни, рокот за нивно распишување би бил 18 април.

Другите две барања на опозицијата беа формирање независна комисија која ќе изврши ревизија на избирачкиот список и јавниот сервис да биде подеднакво достапен за сите.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) во извештајот за декемвриските избори во Србија оцени дека условите не се еднакви за сите, бидејќи доминантно е учеството на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

ОДИХР наведе 25 препораки за подобрување на изборните услови, а претседателката на Собранието Ана Брнабиќ вели дека четири се веќе спроведени.

Во извештајот се наведува и дека имало притисок врз вработените во јавниот сектор да гласаат за власта, злоупотреба на јавните ресурси во нејзина полза и медиумска доминација на Вучиќ.

Надлежните ги демантираа наводите за изборни нерегуларности, но најавија дека ги исполнуваат препораките на ОДИХР.

Read Previous

„Агенција Анадолу е гласот на угнетените ширум светот“

Read Next

Зеленски повика на зајакнување на воздушната одбрана во регионот Харков