Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска го потпиша актот за одржување на локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, денес го потпишав актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година, во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство.
Со стапувањето во сила на овој акт, надлежните институции започнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“.
Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.
„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет.Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“.
Skopjeinfo

