Српскиот претседател рече дека на Србија се врши „севкупен притисок“ поради нејзината военополитичка позиција и воената неутралност.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа одржа прес-конференција на која говореше за политичката и економската ситуација во Србија и за чекорите што тој како претседател, и Владата, ќе ги преземаат во наредниот период, како и за ситуацијата во Косово и босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, јавува Анадолу.
Тој рече дека на Србија се врши „севкупен притисок“ поради нејзината военополитичка позиција и воената неутралност, како и нејзиниот однос кон конфликтот во Украина и ставот на Белград да не се приклучува кон санкциите против Руската Федерација.
Тој говореше и за одлуката на Одборот за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа да даде позитивно мислење за приемот на Косово во Советот на Европа, што го нарече „срамна“ одлука.
„Ќе носиме одлуки по прашањето на Советот на Европа. Подготвен сум да го слушнам мислењето не само на парламентарното мнозинство, на Владата, туку и на претставниците на сите политички партии во Србија за тоа каква треба да биде реакцијата на Србија. Сметам дека реакцијата треба да биде силна, сериозна и одговорна. Не сакам да зборувам што е тоа во крајна смисла“, изјави Вучиќ.
Тој се осврна и на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, која по предлог на Германија и Руанда треба да се најде пред Генералното собрание на Обединетите нации на 27 април.
„Мислам сѐ најлошо за ужасното злосторство што се случи во Сребреница. Отидов да положам цвеќе и да им оддадам почит на жртвите, Бошњаци. Ова се прави од две причини: едната е да се казни српскиот народ за неговата слободарска и независна политика, да биде дополнително притиснат за прашањето за Косово и поради својата надворешнополитичка ориентација, а втората причина е да можат да им покажат на муслиманите низ светот дека и покрај поддршката што ја даваат или на почетокот му ја даваа на Израел, и бидејќи не можат целосно да бидат на страната на Палестинците и народот во Газа, да покажат: „еве, најдовме муслимани кои ќе ги поддржиме за да видите дека ние немаме априори негативен став кон муслиманите“, рече Вучиќ.
Истакна дека „ден подоцна“ Западот ќе излезе со стремеж дека според нив „геноцидни творби“ не може да постојат. Во тој контекст рече дека Србија не е гарант за спроведувањето на Дејтонскиот договор, туку е тука да го следи неговото почитување.
„Според Дејтон, Република Српска мора да постои и никој нема право да ја укинува. Тогаш ви е јасно со што ќе се соочиме. Веднаш ден потоа, врз основа на само една прилично произволна, необврзувачка пресуда во која нема никаква директна инкриминација на Република Србија, ќе бараат воена отштета од Република Србија и сѐ друго што безброј пати го најавија. Сакам да ви кажам во каква тешка ситуација сакаат да ја доведат нашата земја некои западни сили“, рече Вучиќ, истакнувајќи дека Србија „против себе ќе го има колективниот Запад.“
Тој ги повика граѓаните на Србија да бидат обединети во однос на националните интереси и ја најави средбата со претседателот на Кина Си Ѓинпинг, како и „велигденското собрание на Србија и Република Српска“ на 5 и 6 мај во Белград и други градови.
„Тоа ќе биде најголемиот собир досега на Србија и Република Српска, кој ќе биде во согласност со Дејтонскиот договор и законот за паралелни врски што го дозволува Дејтонскиот договор“, нагласи Вучиќ.
Говорејќи за ситуацијата во Република Српска, Вучиќ рече дека таа „зоврела“ и дека не секогаш се согласува со она што го прави претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Милорад Додик.
„Но, кога ќе видам како тоа оди и во која насока оди, за што во Србија не се известува, ќе прашам што ќе правиме кога ќе се укинат сите банки и кога ќе кажат на поштенската штедилница дека не можете да работите со тој и тој ентитет затоа што се под санкции. Така работат големите. Сè надвор од законот. Ќе се обидам да го замолам Додик да води политика на мир, политика на намалување на тензиите, иако не мислам дека имам право. Ќе се обидам од пријателски побуди, но тоа нема да го промени нивниот однос кон него“, истакна Вучиќ.