Шефот на државата, Стево Пендаровски нагласува дека е потребна конструктивност во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија и во напорите за решавање на отворените прашања, а постоењето на македонцското малцинство во соседната држава е факт, кој е потврден и од Стразбур.
На прашањето на МИА да даде коментар на вчерашното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое меѓудругото има забелешка за „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“, од Кабинетот на Пендаровски ни одговорија дека ставот на претседателот и претходно и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања.
-Во врска со соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, ве информираме дека ставот на претседателот Пендаровски и во минатото и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка, се вели во одговорот за МИА од Кабинетот на претседателот.
Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој е признат и од Стразбур.
-Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур, се наведува во одговорот.
Бугарското МНР вчера соопшти дека на состанок бил повикан вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Софија поради, како што се наведува, „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“.
Во соопштението не е прецизирано на кои политичари и за кои тврдења се однeсува реакцијата, но се нагласува дека Софија „категорично се противи на обидот Бугарија и билатерални односи да се вклучуваат во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања“.
– Бугарија постојано одржува конструктивен тон и се воздржува од коментирање на постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Тоа го прави со разбирање дека е неопходно да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес и средина на општествен спокој за да може да се спроведат потребните реформи. За жал, очигледно е дека овие напори на Бугарија не се разбрани и ценети од одредени фактори во Скопје, кои продолжуваат да ја користат нашата земја како изговор за недостигот на напредок пред своите граѓани, стои во соопштението.
Соопштението на бугарското МНР доаѓа по реакцијата на бугарската партија ВМРО. Партијата побара од Министерството итно да го повика амбасадорот на Северна Македонија во Софија, во врска со изјава на претседателот Стево Пендаровски поради „говор на омраза кон бугарската држава“.
Комитет за елиминација на расна дискриминација при ОН на 10 декември, на – Меѓународниот ден на човековите права упати апел до Бугарија да ги гарантира правата на македонската етничка заедница.
Во извештајот за Бугарија Комитетот порача таа да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на човековите права на припадниците на малцинските етнички заедници, вклучувајќи ги македонската и помачката етничка група и да ги имплементира релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на правото на слобода на изразување и на здружување.
Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и за Македонците и за Помаците.
Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување.