ноември 24, 2024

Досега 22 случаи на голема кашлица, здравствените власти апелираат децата да се вакцинираат

Во земјава досега се евидентирани 22 случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје. Од Министерството за труд вчера најавија дека инспекциски служби ќе проверуваат во градинките во Скопје дали децата се вакцинирани со вакцината ДТП за заштита од големата кашлица.

Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис, попознат во јавноста како голема или магарешка кашлица. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.

Комисијата за заразни болести во средата препорача прогласување епидемија во Скопје.

– Од Комисијата за заразни болести има заклучоци и истите треба да бидат одобрени на владина седница. И во закон стои дека секое дете, кое што нема примено одредена вакцина, не ќе може да биде дел од системот на детска заштита. Ќе ги провериме градинките и нашите инспекциски служби ќе видат каде треба да интервенираме, за тоа да биде пракса и за да го спречиме ширењето на оваа епидемија, барем во Скопје, како жариште во овој момент, изјави вчера министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски.

Министерот за здравство во техничката Влада, Фатмир Меџити вчера рече дека препораката од Комисијата за заразни болести за забрана за прием на невакцинирани деца во градинките треба да се сфати во позитивен контекст.

– Ова не е дека е некоја забрана или сакаме некого да казниме. Ова е тоа што сакаме да ги стимулираме, сакаме нивните деца да бидат здрави и живи, да имаме подобра иднина како држава. Апелирам до сите родители, ве молам, вакцините заштитуваат живот, подвлече Меџити, кажувајќи дека ќе го потпише документот за прогласување епидемија.

Во државава има хоспитализирани деца, но и возрасни со пертусис. Надлежните сепак велат оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, немаме смртни случаи.

Според претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, незадоволително е нивото со опфатот на вакцинација против оваа болест.

Меѓу заразените, има и вакцинирани лица. Како што појасни Петличковски, постои опаѓање на имунитетот после 10 години во просек, така што, разгледани се и сите опции за освежување на имунитетот кај критично болните и лицата над 65-годишна возраст.

Според Светската здравствена организација, пертусисот се пренесува лесно од човек на човек, главно преку капки од кашлање или кивање. Болеста е најопасна за доенчињата и е значајна причина за болест и смрт на оваа возрасна група.

Првите симптоми вообичаено се јавуваат од 7 до 10 дена по инфекцијата. Тие вклучуваат блага температура, течење од носот и кашлица. Пневмонија е прилично честа компликација, а напади и болест на мозокот се случуваат, но поретко.

Луѓето со пертусис се најзаразни до третата недела откако ќе започне кашлањето.

Од оваа болест, најмногу заболуваат бебиња до една година и деца и млади од 10 до 20 години, но, не е исклучено да заболат и возрасни.

Read Previous

Џафери: Владата функционира целосно и непречено, во рамки на надлежностите

Read Next

Протести и штрајкови најави Синдикатот на Министерство за финансии при УПОЗ ако не се потпише колективен договор