Експертот на ОН за итни здравствени случаи, Шон Кејси изјави дека ранети Палестинци умираат од нетретирани рани во преполните болници во Појасот Газа во услови на колапс на здравствениот систем.
Кејси неодамна се врати од Газа каде што помина пет недели обидувајќи се да обезбеди повеќе персонал и неопходен материјали за 16 делумно функционални болници.
Тој синоќа на прес-конференција во седиштето на Обединетите нации, рече дека бил сведок на влошување на ситуацијата и оти во болницата Ал-Ахли во градот Газа видел луѓе како лежат на „црковни клупи, во суштина чекајќи да умрат во болница која нема гориво, ниту струја, ниту вода“ и има многу малку медицински залихи и само неколку луѓе персонал кои се грижат за нив.
Ал-Ахли е единствената христијанска болница во Газа и единствената која лекувала пациенти со рак.
Болницата Шифа во северниот дел на градот Газа, некогаш водечка болница на територијата со 700 кревети, сега лекува жртви со трауми и е полна со луѓе кои ги напуштиле своите домови и живеат во операциони сали, ходници, на скали, изјави претставник на СЗО.
Како што наведе, по пет-шест лекари или медицински сестри дневно примаат стотици пациенти, главно жртви на траума, а на подот има толку многу пациенти што е тешко да се помине без да им стапне на рака или нога.
Кејси минатата недела го посети медицинскиот комплекс Насер во јужниот град Кан Јунис, кој е исполнет 200 отсто, има само 30 отсто од персоналот, а пациенти лежат насекаде, на подот и по ходниците.
Тој оцени дека е потребен прекин на огнот пред се за помош на ранетите Палестинци, кои се околу 60.000, а секој ден пристигнуваат по неколку стотици нови, покажуваат податоците на Министерството за здравство во Газа.
– За да одговориме на кризата, потребен ни е безбеден пристап до болниците и испорака на лекови, како и соодветен персонал и електрична енергија за да им помогнеме на илјадници луѓе, рече функционерот на СЗО.