Досега променети се околу 1.210.000 патни исправи, повеќе од 1.100.000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи објави во своето гостување во ТВ21 министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Процесот продолжува и по 12 февруари.
– Да не се креира слика во јавноста дека по 12-ти нема да дојде до промена на документите. Владата не донесе одлука и Законот за лични карти не е променет и тој е во важност и од самиот почеток до денес беше јасно дека нема да има промена на личните документи. Неколку пати кажавме дека личните карти ќе важат и по 12 февруари, не заради тоа што се во домашна употреба, туку заради тоа што не го сменивме Законот за личните карти во кој се остава рок за важење на личните карти, изјави Спасовски.
Околу изјавите на претседателот Стево Пендаровски, Спасовски рече дека секој треба да си процени какви изјави треба да даде и дека не би навлегувал во никакви конфротации.
– Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот. Мислам дека не треба да бидеме под наплив на некакви емоции во овој момент кои ќе придонесат да се креира дополнителен проблем. Ако Собранието одлучи дека тоа треба да се направи, треба да се направи, но во исто време треба да им се каже на граѓаните дека обврската е преземена од Преспанскиот договор кој по 12 февруари ќе даде друга димензија“ , рече Спасовски.