Два проценти од бруто – домашниот производ ќе се одвојат за одбраната во 2024 година, од кои околу една третина ќе се насочат за модернизација и опремување, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Како што најави Петровска, буџетот за 2024 година ќе биде поголем од годинашниот за околу 50 милиони евра, а од вкупната сума која треба да изнесува околу 327 милиони евра, речиси 100 милиони се одвоени за модернизација што претставува зголемување за 10 милиони евра во споредба со 2023 година.
Таа нагласи дека значаен дел од буџетот ќе биде наменет и за реконструкција на објекти, како и за набавка на униформи, обувки, санитетски материјали, одржување на воена опрема, муниција и материјални средства за обуки и вежби.
-Одбранбениот буџет за 2024 година е во висина од историски 2,05 отсто од бруто – домашниот производ, од кои повторно една третина ќе бидат наменети за процесот на модернизација и опремување. Тоа ќе овозможи набавките на оклопните возила „JLTV“ и „Stryker“, системите за противвоздушна одбрана „Mistral 3“ и артилериските орудија „Boran“ да продолжат да пристигнуваат согласно договореното, истакна Петровска.
Потенцираше дека се очекува првите „Stryker“ возила да пристигнат до крајот на 2024 година, додека истовремено два хеликоптери кои се во фаза на ремонт треба да се вратат во државава во првата половина на следната година.
Министерката појасни дека со измените на Законот за служба во Армијата и бројните поволности за припадниците во зголемувањето на нивниот стандард, исплатата на надоместокот за станарина, отпремнината за професионалните војници со 45 години старост и подобрените услови за пензионирање, Армијата го зазеде местото во општеството на кое припаѓа.
Министерката потсети дека во 2023 година Министерството за одбрана инвестираше плански во зголемувањето на борбената готовност на Армијата, во набавката на нова и модерна опрема, но и во развојот на човечкиот потенцијал во одбраната, со што Армијата ги доби и конвоите на воени возила кои за потребите на нашата НАТО единица ги пренесуваат најмодерните и најсофистицираните оклопни возила до нивната крајна дестинација – касарната во Штип. Како што рече, оваа година секторот одбрана беше успешен и на меѓународен план.
– Како одговорна земја членка на НАТО продолживме и ќе продолжиме да придонесуваме кон безбедноста на Алијансата преку учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, исто како што го продолжуваме и нашиот придонес и кон регионалната безбедност. Нашите припадници остануваат во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во БиХ, ЕУФОР – АЛТЕА, истакна Петровска оценувајќи дека билатералната соработка со сојузниците никогаш досега не била на повисоко ниво.