ноември 23, 2024

Шаќири: МОН утре ќе сподели информации со план за достава на учебниците од новата реформа

Учебниците за трето одделение се завршени и доставени до сите основни училишта. За шесто одделение се одобрени учебниците по Македонски јазик, Албански јазик, Природни науки, кои се на графичко-техничка обработка и печатење. Одобрен е и учебникот по Математика, но ќе треба да поминат пет дена за жалбена постапка, соопшти денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Прашан за доставата на учебници во основно образование, особено за оние кои се изработуваат согласно нови наставни програми (трето и шесто), за кои на почетокот на учебната година изјави дека ќе бидат готови во првата недела на септември односно до крајот на месецов (за шесто одделение), Шаќири рече дека утре МОН ќе сподели точни информации со план за достава на учебниците од новата реформа до сите училишта, од прво до шесто одделение.

-Ме радува фактот дека учебниците за трето сите се завршени и доставени до сите основни училишта. Што се однесува за учебниците за шесто, исто така ме радува фактот што Националната комисија ги има одобрено учебниците по Македонски јазик, Албански јазик, Природни науки и учебникот за Математика, за кој ќе треба да чека уште пет дена жалбена постапка, а за претходните – сите се доставени на графичко-техничко и печатење, изјави Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Министерската конференција за квалитет на високото образование во Западен Балкан.

Продолжува, рече и доставата на учебниците во средното образование каде што по подолг период од десет години немало учебници.

-Одредени издавачи кои имаат право на сопственост во издавачката дејност побараа одложување на рокот на договорот што го имаа до 1 септември, побараа уште 30 дена, и до крајот на септември во сите средни училишта, според нивните барања, во гимназиското образование  ќе се достават сите учебници, додаде Шаќири.

Во однос на субвенционираниот студентски оброк, кој ќе се применува со почетокот на академската година односно од наредната недела, министерот потсети дека дневниот износ е зголемен од 120 на 140 дена и посочи дека МОН утре ќе ги соопшти економските оператори каде што студентите ќе може да ја потрошат субвенцијата за оброк со наменската платежна картичка издадена од Шпаркасе банка.

-Барањето на студентите за зголемување од 120 на 140 денари се постигна, барањето за системско дневно трошење на тие пари се реши со одредена банка која пројави интерес за тоа, а и мрежата е поопширна со економски оператори каде што може да го реализираат износот за студентски оброк, рече Шаќири.

На прашањето дали е доволно износ од 140 денари за оброк дневно со оглед на инфлацијата, тој одговори дека во законот е дефинирано дека ќе се прават споредби и анализи за зголемување на вредноста при подготовка на буџетот за наредната година.

Read Previous

Најмалку 20 мртви и над 300 повредени во експлозија во Нагорно-Карабах

Read Next

Владата ќе одлучува за поевтинување на пијалаците