ноември 22, 2024

Ајварскиот пипер годинава на Градските пазари се продава поскапо за околу 20 отсто

Зимницата годинава ќе биде поскапа за македонските граѓани. На Градскиот пазар во Штип денеска пиперките за ајвар се продаваа по цена од 40 до 60 денари. Раководителот на Градски пазар-Штип, Димче Колев за МИА вели дека за разлика од лани граѓаните ајварскиот пипер го купуваат за 20 отсто поскапо. Посочи дека го има во доволни количини, односно производителите и трговците го нудат на своите муштерии. Но, во овој период на пазарот недостига доматот, кој се продава по цена од 80 до 100 денари.

-Има недостиг на домати, а другите артикли ги има колку толку, во доволни количини, е сега цените за продавачите се жалат дека се евтини, а за купувачите е скапо. Во моментов е актуелен ајварскиот пипер лани го имаше од 30 до 50, а сега е од 40 до 60 денари. Значи за некои над 10  до 20 отсто имаме зголемување, вели Колев.

Забележа дека за разлика од лани на пазарот ги нема традиционалните производители на домати, кои се жалат дека оваа сезона немале услови за производство, односно немале вода за наводнување.

-Недостигот на доматот не е во големи количини, но земјоделците какошто ни кажуваат немаат услови да работат. Закупувачите на тезги, односно производителите кои ни доаѓаа оваа сезона се жалат дека немаат вода за наводнување и затоа нема производство на домати, вели Колев.

Прашан колку мерките на Владата ќе придонесот за понудата на зеленчукот и овошјето на Градските пазари, Колев со одговор дека цените на зелените пазари се нормални, освен неколку производи, какошто е доматот кој достигнува цена и до 100 денари.

МИА анкетираше граѓани на Градскиот пазар, кои велат дека годинава за традиционалниот ајвар зеленчукот им е поскап. Некои од нив ајвар ќе прават во помали количини, а некои и воопшто нема да приготват, бидејќи овде ги  калкулираат трудот и маката додека го стават во тегли.

Read Previous

Штипските пензионери протестираа за линеарно покачување на пензиите

Read Next

Поевтинувањето на прехранбените производи се почитува во маркетите, од идната недела пониски цени и на пијалаците