Штипските пензионери со транспаренти, но и со писмо до министерката за труд и социјална политика го започнаа денешниот протест за линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари. Соња Арсовска член на Иницијативниот одбор за протести вели дека денеска во Штип е пазарен ден, но пензионерите наместо на отидат пазар излегоа на протест, бидејќи со пензиите немаат пари за пазарување. Прашуваат како ќе поминат уште два пазрни дена месецов, и што со покачувањето од 6 отсто.
– Денес е петок, пазарен ден во нашиот град, па да ја повикаме госпоѓата Јованка Тренчевска да помине по нашите улици и да ги слушне зборовите „Ајде на пазар!“. Не, овој пазарен ден ќе го прескокнам,„имам се“, а во мислите е дека има уште два пазарни дена, а во рака ми се последните пари, вели Арсовска.
Со денешните примања пензионерите велат немаат пари ниту за лекарства, па се оставени на дното на сиромаштијата. Претседателот на Здружение на пензионери за општините Штип и Карбинци, Ристе Нетков без говор, но со транспарент испишано поддршка се приклучи на денешниот протест. Пензионерите и денеска повикаа на поголема масовност за протестот во Скопје.