декември 3, 2024

Средба Спасовски-Нешиќ во Сараево: Стабилен регион Западен Балкан значи стабилна Европа

„Нашите заеднички средби праќаат силна порака дека сите сме насочени кон подобра регионална соработка во областа на безбедноста, борбата против организираниот криминал и корупцијата, со цел да овозможиме што е можно подобра безбедност…“

 Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, денес во Сараево оствари средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, на која се разговараше за меѓусебната соработка на надлежните институции и безбедноста во регионот и пошироко, јавува Анадолу.

Пред средбата Нешиќ изјави дека фокусот на Министерството за безбедност на БиХ и Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија се членството во Европската Унија и безбедноста и стабилноста на регионот и на Европа.

„Ние, по Европол и воспоставувањето целосна соработка, за следно скалило го избравме Фронтекс. Северна Македонија успешно ја заврши таа работа, нам ни треба помош и поддршка во таа насока“, рече Нешиќ.

Како што истакна, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, но и цела Европа, мора да дејствуваат обединето за да ги спречат криминалците да профитираат од проблемите на луѓето.

„Самата идеја за Фронтекс за нас на Западен Балкан носи порака дека во нешто сме дел од единствениот европски простор. Наше е да го искористиме тоа. Нашите земји претставуваат крстопат што го користат криминалците, криумчарите и трговците со луѓе кога се обидуваат да избегаат од владеењето на законите и правдата“, истакна Нешиќ.

Спасовски нагласи дека со Босна и Херцеговина постојат извонредни, пријателски и партнерски односи.

„Работиме на потпишување на неколку договори, протоколи меѓу нашите две министерства што се однесуваат, пред сѐ, на подобра соработка во областа на форензиката, вештачењето и заедничките обуки. Ќе го споделиме нашето искуство од преговорите за договорот за Фронтекс. Нашите заеднички средби праќаат силна порака дека, пред сè, сите сме насочени кон подобра регионална соработка во областа на безбедноста, борбата против организираниот криминал и корупцијата, со цел да овозможиме што е можно подобра безбедност и подобар живот за нашите граѓани“, рече Спасовски.

Додаде дека Северна Македонија од септември минатата година до денес има запленето најголемо количество наркотици од осамостојувањето.

„Во овој поглед Северна Македонија е определена да биде добар партнер, да соработуваме, со цел нашите граѓани да имаат добра безбедност и во нашите граници и во нашиот регион. Стабилен регион Западен Балкан значи стабилна Европа“, порача Спасовски.

Двајцата соговорници се осврнаа и на прашањето за враќање на жените и децата од Сирија, при што министерот за безбедност на БиХ, Нешиќ, ја повтори својата претходна изјава дека ќе инсистира на построги безбедносни проверки.

„Моја приоритетна задача е безбедноста на нашите деца. Мислам на децата што живеат и се родени во БиХ. Јас не знам со што се задоени децата што денес се во Сирија. Не знам дали тие утре ќе претставуваат опасност по безбедноста на БиХ и нема, ни како татко ни како министер за безбедност, без оглед на притисокот, да дозволам во БиХ да се врати некој кој може да претставува закана за безбедноста на нашите деца“, нагласи Нешиќ.

Како што рече, сите граѓани на БиХ што се наоѓаат во Сирија, вклучително и деца, нема да влезат во државата додека не се извршат сите проверки.

Министерот Спасовски изјави дека еден од приоритетите на Северна Македонија од 2017 година е борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, не само во насока на воведување репресивни мерки туку и формирање посебен комитет што ќе се бори против појавите и за ресоцијализација на овие граѓани.

„Имаме повратници што беа учесници во војните во Сирија, Ирак и Авганистан. Сите за кои постојат докази беа изведени пред надлежниот суд. Има семејства што биле заедно со нив. Ние дел од тие семејства вративме во Северна Македонија и го започнавме процесот на ресоцијализација. Примарни се безбедноста и мирот на сите граѓани на Северна Македонија. Сите наши државјани што се таму имаме должност да ги вратиме и да им помогнеме нормално да живеат и работат во општеството. Го започнавме тој процес и работиме на планот за нивна ресоцијализација за сите да бидат дел од нашето општество“, рече Спасовски.

AA

Read Previous

Шведската амбасадорка се сомнева дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во владеење на правото

Read Next

Нуман Куртулмуш ја презеде функцијата претседател на турскиот Парламент