ноември 23, 2024

Ковачевски: Обврска на сите е да го продолжиме патот на државата кон ЕУ

 Процесот на зачленување во ЕУ не е процес на еден човек, ниту на една политичка партија, ниту е процес на една влада, туку тоа е обврска и одговорност и на сите политички партии во државата, особено на оние застапени во Парламентот – да ги остваруваат стратешките интереси на државата преку поддршка на одлуките што се потребни, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање, како Владата ќе го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

– Уставните измени се една од одлуките што треба да се донесат со двотретинско мнозинство за полноправно членство во ЕУ. После тоа следуваат одлуки што се однесуваат на реформи во правосудството, реформи на обвинителството, на децентрализацијата, како и други законски решенија што треба да се носат со двотретинско мнозинство. Првпат по 22 години имавме Совет за стабилизација и асоцијација што се одржа во Скопје, на кој беа упатени јасни пораки од страна на потпретседателот на Европската комисија, Борел и еврокомесарот за проширување Вархеји, кои кажаа дека Преговарачката рамка во која стојат и обврските и критериумите за пристапување на нашата држава во ЕУ, се изгласани и доставени од 27 земји членки на ЕУ, рече Ковачевски.

Тој ги повика сите политички партии, како што рече, да го поддржат патот на нашата држава со реални одлучни чекори и носење одлуки, а не само декларативно.

– И затоа кога ќе го поставите прашањето како ќе обезбедите двотретинско мнозинство, тоа е обврска на секого да го продолжиме патот на државата во ЕУ. Одлуките што се однесуваат на стратешките важни насоки на државата, како што е зачленувањето во ЕУ, тие не треба да бидат предмет на дневна политика, туку напротив, тие треба да бидат предмет на општествен консензус, како што биле и во Хрватска и во Словенија кога тие се зачленувале. И затоа јас верувам дека кај нас постои и демократски и политички капацитет да ги донесеме сите потребни одлуки, бидејќи ова не е последната, туку ова е првата од низата одлуки што се носат со две третини во Собранието што ќе треба да се носат до полноправно зачленување  на државава во ЕУ, нагласи Ковачевски.

Според него, зборувањето едно пред амбасади, а друго пред народот, не му користи никому.

– Зборувањето дека некој може да ја промени Преговарачката рамка најдобро беше демантирано од страна на потпретседателот на Европската комисија, кој беше многу јасен во позициите на Европската Унија, визави Преговарачката рамка и нашето зачленување во ЕУ, каде што и двајцата соговорници изразија оптимизам дека ние можеме да станеме членка на Унијата, истакна тој.

Ковачевски повтори дека ние преговараме со ЕУ, а не преговараме со ниту една земја сосед.

– Со соседите се решаваат билатерални односи што се однесуваат на добрососедството. Со ЕУ се преговара и се прават реформи за да се исполнат критериумите, со цел општеството да стане на ниво на државите кои што се веќе членки на ЕУ, дециден е Ковачевски

Read Previous

Во Црна Гора поевтинуваат 25 прехранбени производи

Read Next

Јајцата и оризот со замрзната цена до 30 април