Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, ја оцени како значајна поддршката на Словачка за европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека таа има особено значење за остварување на стратегиската цел за полноправно членство во Европската Унија (ЕУ).
На заедничката прес-конференција со словачкиот колега Јурај Бланар, кој е во посета на Скопје, Муцунски изјави дека добрите билатерални односи и долгогодишното партнерство претставуваат силна основа за натамошно продлабочување на политичката, економската и културната соработка.
Тој истакна дека Словачка и понатаму е меѓу најважните трговски и инвестициски партнери на Северна Македонија, притоа оценувајќи ја како значајна нејзината поддршка за европската перспектива на земјата и на регионот на Западен Балкан.
„Политичкиот дијалог помеѓу двете држави е на највисоко ниво, а принципиелната поддршка од Словачка за остварување на нашата стратегиска цел, полноправно членство во Европската Унија, има особено значање за нас“, изјави Муцунски.
Тој информираше дека Владата останува посветена на реформите насочени кон трансформација на општеството во согласност со европските стандарди и усогласување на домашното законодавство со правниот систем на ЕУ.
Муцунски нагласи дека европската интеграција треба да се заснова врз кредибилен, предвидлив систем заснован врз заслуги, а напредокот на земјите кандидатки да се оценува според утврдени критериуми и стандарди.
Исто така, тој истакна дека Северна Македонија останува посветена на одржувањето отворени канали за дијалог со Бугарија и на унапредувањето на билатералните односи.
Бланар, пак, изјави дека Владата на Северна Македонија е силно посветена на реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ, како и дека е мотивирана и решителна во намерата да го доведе овој процес до крај.
Бланар е во посета на Северна Македонија, каде што оствари средба со колегата Муцунски, по што следуваше пленарен состанок меѓу двете делегации.
Словачкиот министер, како што беше најавено, ќе оствари средби и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.
