Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи jа заврши тридневната официјална посетата во Брисел на која земјава ги отвори Поглавјата 9 – „Финансиски услуги“ и 28 – „Права на потрошувачи и јавно здравје“ од Кластерот 2 – „Внатрешен пазар“, кој е еден од носечките кластери и поради својата големина, но и поради важноста, бидејќи во него се содржани поглавјата за четирите основни слободи, кои се основа на Договорот за воспоставување на Европската Унија.
Вицепремиерот Битиќи изјави дека интегративниот процес на земјата е стабилен и изборот е јасен – Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија, констатација која произлезе од состанокот со европскиот комесар за економија, финансии, даноци и царина, Паоло Џентилони. Битиќи посочи дека Џентолини ја потврди заложбата и ставот на Европската комисија дека Северна Македонија е од стратешко значење за Унијата.
– Силно сме посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но поважно, подготовка и зголемување на конкурентноста на домашната економија со цел што побрза и полесна транзиција кон единствениот пазар на ЕУ. Од нас зависи, ние мораме да работиме дома, сите заедно кон исполнување на оваа цел до 2030 година, рече Битиќи.
Како што информираа од владината Прес-служба, вицепремиерот посочи дека за постигнување на оваа цел, патот е јасен, засилено усогласување на препораките и директивите од Европската комисија, зајакнување на конкурентноста преку инвестиции кои носат додадена вредност, вложување во образование и инвестиции во истражување и развој како и човечкиот капитал.
– Да креираме пазар на труд кој ќе може да биде подготвен за четвртата индустријализација, конкурентен и лесно прилагодлив. Да продолжиме со унапредување на регионалната соработка преку редефинирање на синџирите на снабдување како и диверзификација на изворите на енергија и зголемување на капацитетите од обновливи извори на енергија, изјави Битиќи.
Битиќи, како што е наведено во соопштението, оствари уште неколку официјални средби со генералните директори во Директоратот за образование, млади, спорт и култура, како и Директоратот за истражување и развој и на овие состаноци беше изразена искрена поддршка на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
На состанокот со директорот на ЦЕФТА беа дискутирани тековните и идните планови и економски политики кои ние како рамноправен член на ЦЕФТА сме се обврзале да ги имплементираме, додека на состанокот со Еурочемберс беше искажана подготвеност за поддршка од комората која ги обединува најголемите стопански комори во Европа со цел побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ.