ноември 23, 2024

Битиќи – Батерс: Стопанските комори активно да се вклучат во евроинтегративните процеси на земјата

Македонските комори, а пред се Стопанската комора на Северна Македонија, која е рамноправна членка на „Еурочембрс“, треба активно да бидат вклучени во евроинтегративните процеси на земјата, оценија на денешната средба во Брисел вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и извршниот директор на „Еурочембрс“, Бен Батерс.

Како што соопшти владината прес-служба, Бетерс искажа поддршка за евроинтегративниот процес на државава и изрази отворена желба за соработка, потенцирајќи го искуството со Хрватска, чија Стопанска комора користела мноштво од искуството и ресурсите на „Еурочемберс“ со цел ефикасно и ефективно да биде вклучена во евроинтегративниот процес на државата и реално да помогне тој процес да биде изоден во најкраток можен рок.

Битиќи информираше дека Владата е отворена за соработка со сите комори, впрочем тој како координатор на платформата за јавно приватен дијалог ќе се залагал за сѐ поголемо инволвирање на стопанските комори како активни чинители во евроинтегративниот процес на земјата.

– Двајцата соговорници беа согласни дека и Северна Македонија, но секако и земјите од цела ЕУ, се соочуваат со голем недостиг на квалификувана работна сила, независно од степенот на квалификациите. Вицепремиерот Битиќи подвлече дека нашата Влада е спремна на соработка со „Еурочембрс“ и преку Стопанската комора на Северна Македонија да се преземат конкретни мерки и активности, со цел овој дисбаланс на пазарот на трудот сѐ повеќе да се намалува и ние слично, како и економиите на ЕУ, да почнеме, низ нашиот образовен систем, да креираме сѐ повеќе работници кои се спремни да се приклучат на индустријализацијата 4.0, се истакнува во соопштението.

Батерс искажа согласност дека е време соработката меѓу „Еурочембрс“ и Стопанската комора на Северна Македонија да се интензивира и оти ова е вистинска прилика, овие заложби да почнат да се претворат во конкретни проекти и активности со што ќе имаме сѐ повеќе граѓани, независно од старосната структура, кои се спремни активно да се вклучат на пазарот на трудот.

Read Previous

Град Скопје: Нема да дозволиме поединци да се богатат со народни пари врз грбот на чесните превозници

Read Next

Дали сте се запрашале колку е часот на Месечината? Наскоро ќе добие своја временска зона