ноември 22, 2024

Во Брисел започна билатералниот скрининг за Поглавјето 9 „Финансиски услуги“

Во Брисел денеска продолжува билатералниот скрининг за Кластерот 2 „Внатрешен пазар” со скрининг состанокот за Поглавјето 9 – „Финансиски услуги”.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), преговарачкиот тим го предводи државната секретарка во Секретаријатот и заменичка на главниот преговарач на земјава со Европската унија, Дрита Абдиу Халили, која во своето воведно обраќање истакна дека земјата успешно го следи патот кон целосна хармонизација со европското законодавство.

– Новите закони ќе воспостават јасна и сеопфатна рамка за македонскиот пазар, што ќе придонесе за неговиот развој и усогласување со законодавството на Европската унија во оваа област, потенцираше Абдиу Халили.

На денешниот скрининг состанок присуствуваше и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, кој меѓу другото во неговото воведно излагање нагласи дека оваа година ќе се работи максимално за исполнувањето препораките од извештајот, со што ќе се донесе закон за резолуција на банки и имплементација на законодавството и врз основа на ова исто така ќе бидат завршени и назначувањата на регулаторното тело за банките, правилно справување и спречување на нерегистрираните и неосигурените возила и ќе се продолжи со заштитата на потрошувачите заедно со формирањето на финансиски Народен правобранител.

– Ќе ги катализираме напорите нагласени во извештајот во делот за развивање на одредбите за резолуција на банките во согласност со рамката на ЕУ, со посебен акцент на Директивата за закрепнување и разрешување на банките. Законот за осигурување на депозити ќе биде изменет за да се подобри осигурувањето на депозитите и да се одговори на загриженоста на Уставниот суд во неговата одлука од јули 2021 година. Нашата централна банка веќе и посвети дел на нејзината  веб страница на правата на потрошувачите заедно со правилното споделување информации за да се избегнат нефер банкарски практики, посочи Битиќи.

Работната група за ова поглавје го сочинуваат Министерството за финансии, Народната банка, Фондот за осигурување на депозити, Комисијата за хартии од вредност и агенциите за суперревизија за осигурување и за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

Во европското законодавство финансиските услуги се од големо значење за правилното функционирање на внатрешниот пазар на Европската унија како еден од темелите на европската интеграција. Ова поглавје ги вклучува областите банкарството, осигурувањето, хартии од вредност, инвестициски фондови, финансиски пазари и платни системи. Правната рамка во ова поглавје ги опфаќа правилата за издавање на оперативно и надзорно работење на финансиските институции кои треба да обезбедат стабилен, безбеден и ефикасен финансиски пазар, се посочува во соопштението од СЕП.

Презентациите за Поглавјето 9 „Финансиски услуги“ ќе продолжат и утре, во среда и четврток за Поглавјето 28 „Заштита на потрошувачи и јавно здравје“ и в петок ќе се одржи билатералниот скрининг состанок за Поглавје 2 „Слобода на движење на работници”.

Read Previous

Никој од Реал нема да присуствува на доделувањето на наградите „The Best“

Read Next

Премиерите на Албанија и Црна Гора го поддржаа европскиот предлог за Косово