Косовскиот премиер Албин Курти вечерва на Твитер ја обвини Србија дека го оштетила Косово за стотици милиони евра „преку паралелните структури што ги контролира на север“.
„Паралелните структури контролирани од Србија во општините на северот на Косово ги чинеа граѓаните и даночните обврзници во остатокот од земјата 320 милиони евра неплатени сметки за струја и 17 милиони евра сметки за вода од 1999 година“, рече Курти, додавајќи:
„Паралелните структури не дозволуваат наплата на струја и го попречуваат спроведувањето на енергетскиот договор постигнат во дијалогот пред 10 години. Без никакви апели за штедење, потрошувачката на електрична енергија во овие општини се зголеми за 70 проценти во изминатите десет години, делумно поради одгледувањето дрога и ископувањето криптовалути“.
Тој изјави дека Косово изгубило уште 300 милиони евра од 1999 година, поради акциите на Србија, „како што се задржувањето на давачките за пренос и принудувањето на трговците да плаќаат ДДВ на Србија за нашата трговија со електрична енергија“.
Дури и сега, одбивањето на Белград да дозволи трговија меѓу Косово и Србија го чини Косово до 10 милиони евра месечно, напиша Курти, а пренесе Косово онлајн.
Тој изјави дека „граѓаните во северните општини не се виновни за овие неправди“ и дека разбираат и прифаќаат дека плаќањето на основните комуналии како струја и вода е нормално и дека со тоа ќе се овозможат потребните инвестиции за дополнително подобрување на квалитетот на услуги.
„Тие имаат право на пристап до такви услуги и да живеат ослободени од организиран криминал, притисок и закани од нелегални структури предводени од Србија. Мојата влада е посветена на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани на Косово и да им ја обезбеди слободата и безбедноста што ја заслужуваат“ – напиша Курти на Твитер.