ноември 23, 2024

Туркије: Под урнатините спасено уште едно лице, 77 часа по земјотресот

Спасувачите во Адијаман утринава слушнаа глас од под урнатините и по огромните напори успеаја да го извлечат на безбедно 36-годишниот Јилмаз Четин

Откако јужните области на Туркије во понеделникот беа погодени од разорни земјотреси, од под урнатините во Адијаман, 77 часа по земјотресот, спасено е уште едно лице, јавува Анадолу.

Продолжуваат операциите за пребарување и спасување во регионите погодени од земјотресот.

Спасувачите во Адијаман утринава слушнаа глас од под урнатините и по огромните напори успеаја да го извлечат на безбедно 36-годишниот Јилмаз Четин.

Насобраните луѓе со големо одушевување го поздравија спасувањето на уште едно лице кое потоа беше префрлено во болница.

Братот на спасениот не можеше да престане да го гушка и бакнува својот брат од голема радост.

„Најмалку 12.873 луѓе загинаа, а 62.937 се повредени по двата силни земјотреси што во понеделникот го потресоа југот на Туркије“, објави Управата за вонредни состојби (АФАД).

Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени со епицентар во подрачјето на Кахраманмараш, погодија 10 околни области и над 13 милиони луѓе.

Read Previous

Тимот на Косовските безбедносни сили успеа да извлече двегодишно дете од под урнатините во Хатај

Read Next

Хуманитарната помош на ОАЕ за Турција продолжува поради земјотресот