ноември 23, 2024

Хуманоста на дело, македонските граѓани донирале околу 10 милиони денари за Турција и Сирија

Македонските граѓани донираа околу 10 милиони денари во Црвениот Крст за настраданите од катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, информираше генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити на денешната заедничка прес-конференција на која присуствуваше и турскиот амбасадор во Скопје, Хасан Мехмет Секизкок. Освен парични средства, од стоковите резерви на Црвениот Крст се издвоени 1.000 семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и 4.000 ќебиња. Амбасадорот Секизкок изрази голема благодарност на искажаната солидарноста од страна на Северна Македонија и нејзините граѓани.

– Во текот на вчерашниот ден обезбедивме 10 милиони денари финансиски средства кои се прилози на нашите граѓани, дел од повиците на нашиот број 143 400, и тоа околу 3 милиони и 300 илјади денари, што е апсолутен рекорд досега од сите активности што ги правиме во овој правец, како и уплати од граѓани и од компании во висина од 6,5 милиони денари, информираше Саити.

Тој додаде дека истото темпо на донации продолжува и денеска и изрази оптимизам дека „како народ, како нација, како држава уште еднаш ќе покажеме дека сме солидарни, дека го разбираме другиот кога е во неволја и мака и дека со сета сила, сето тоа што е хуманитарно во нас ќе го изнесеме и ќе го ставиме во функција и помош на тие луѓе“.

– Дополнително обезбедивме првична материјална хуманитарна помош од нашите резерви и тоа се состои во илјада пакети со храна, 1.500 пакети со хигиена и околу четири илјади ќебиња. Сето тоа ќе биде испратено во Република Турција во соработка со турската Црвена полумесечина на почетокот на следната недела, рече секретарот на Црвен Крст.

Во однос на постигнување на максимален ефект за помошта што се дава, Саити спомна дека хуманитарната помош што волонтерски се собира по пунктовите е невозможно да се испрати поради одредени царински ограничувања. Поврзано со тоа, тој апелираше, до сите иницијативи за собирање помош да бидат пренасочени во донации на парични средства.

– Во однос на материјалните донации, ги повикуваме компаниите и правните субјекти да донираат, а како Црвен Крст ќе го прифатиме тоа со помош и поддршка на Амбасадата, потенцира Саити, кој нагласи дека мора да се селектира хуманитарната помош според потребите на народот во Турција.

Турскиот амбасадорот во земјава, Хасан Мехмет Секизкок, истакна дека Турција се соочува со една од најголемите природни катастрофи во својата историја и се заблагодари на Северна Македонија и народот во оваа земја за покажаната подготвеност за помошта на настраданите од земјотресот.

– Владата, институциите и целиот народ на братска Северна Македонија, паралелно со Турција се мобилизираа за закрепнување на раните. Екипите за спасување и заштита од Северна Македонија веќе се пристигнати во Турција со цела поддршка на споменатите дејности и во најскоро време ќе бидат испратени и дополнителни екипи. Би сакал да изразам благодарност до Владата и народот во Северна Македонија за искажаната моќна солидарност, истакна Секизкок.

Запрашан дали ќе бидат примени волонтерите што се пријавуваат за помош во Турција, Секизкок информираше дека за тоа треба да се почека да има барање од страна на надлежните институции во Турција, нешто што се практикува и со сите земји и во таа насока се преземаат мерки за соработка.

Во однос на тоа дали Црвениот крст ќе испрати помош и за Сирија, Саити рече дека неслучајно на официјалниот повик за донации е наведено дека е и за Турција и за Сирија, но призна дека има проблеми со испораката на помошта во деловите коишто не се контролирани од официјалните власти. Сепак, според Саити, ќе се направи се помош да стигне и до тие подрачја

Read Previous

Бројките од минута во минута се покатастрофални: Над 11.200 загинати во земјотресот во Турција и во Сирија

Read Next

Бројот на жртви во земјотресот во Турција и Сирија надмина 12.000