ноември 22, 2024

Ако нема разговор со Ковачевски и Арсовска, приватните превозници најавуваат нови блокади

Приватните автобуски превозници утрово се собраа пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје” со барање за средба со директорот за решавање на нивниот проблем со долгот, со цел да можат повторно да почнат со работа, но беа одбиени со образложение дека тој не е присутен и е на друг состанок. Тие велат дека ќе побараат прием и кај скопската градоначалничка Данела Арсовска, како и кај премиерот Димитар Ковачевски, и доколку не бидат примени и од Градот Скопје и од Владата, тогаш како единствено излезно решение го гледаат протестот.

– Побаравме прием кај директорот, не известија дека му е пренесена пораката и дека директорот не е тука во моментот, отиден е на состанок. Оставивме наши податоци, се надеваме на средба, се надеваме на прием, да поразговараме за сите работи, за сите проблеми што не мачат, и се надеваме дека кончено ќе најдеме решение за оваа голгота што ја имаме ние приватните превозници, истакна во изјава за медиумите еден од превозниците, Јовица Зафировски.

Тој вели дека ако не бидат примени од директорот, ќе побараат прием повторно од градоначалничката Данела Арсовска, доколку градоначалничката не ги прими, ќе се обратат и до премиерот да биде медијатор на оваа ситуација, за да можат конечно да изнајдат решение, да бидат повторно сервис на граѓаните и повторно да ги активираат автобусите.\

– Финансиски сме исцрпени, веќе не работиме три месеци, но сепак ќе ги сервисираме автобусите и ќе бидат во функција. Најпотребни ни се финансиските средства. Да го договориме начинот на исплата, да ни ги исплатат средствата, автобусите ќе ги активираме повторно, додаде Зафировски.

На прашањето што ќе направат доколку нема средба ни со директорот, ни со Град Скопје, ни со Владата, Зафировски одговори дека единствен излез како демократско право е протестот.

Додека во однос на ставот на градоначалничката Арсовска дека тие треба да бидат прашани зошто не се пријавиле на последните повици од Градот за приватни превозници, тој рече дека не можат да се пријават затоа што на тој оглас биле само два пакети на линии и биле само неколку линии и не можат да се поделат.

– Тука сме 135 фирми, ние 30 години сообраќаме на овие линии, значи мораме сите да бидеме активни, рече Зафировски.

Друг претставник на превозниците, Мемед Асани се надева дека овој преговарачки тим можеби подобро ќе ги води преговорите, но нагласи дека нема поделби меѓу нив.

– Ако не се случи ништо со дијалогот ќе излеземе на штрајк, но ние имаме ново координативно тело и сакаме да биде со дијалог. Тоа и го бараме од градоначалничката Арсовска, мислам дека таа е за народот и дека ќе не прими, изјави Асани.

Тој додаде дека тие не сакале да штрајкуваат уште оваа недела поради „доаѓањето на бугарските делегации на чествувањето на Гоце Делчев”, но истакна дека кога ќе помине тоа, доколку нема никаков исход во нивните обиди до тогаш, може да се очекуваат блокади.

Приватните превозници од „Слобода превоз” и „Макекспрес” започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември минатата кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка”, односно булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков”, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември направија поголема блокада со поставување на околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден”.

Блокадите беа тргнати на 13 декември со цел да се даде простор на дијалогот предложен од страна на премиерот Димитар Ковачевски кој истиот ден изјави дека нема да седне да преговара со нив се додека не ги тргнат блокадите. По отстранувањето на блокадите тие се уште не добија средба од страна на премиерот.

Read Previous

Ливерпул и Манчестер Сити во трка за францускиот напаѓач на Монпелје

Read Next

„Фајзер“ призна дека произвела варијанти на коронавирусот за да го тестира антивирусниот лек