ноември 24, 2024

Дебарско лани „се поднови“ со 140 бебиња, повеќето се родени во болниците во Струга и Охрид

На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа продолжува падот на стапката на наталитет, што пред сè е последица на масовната миграција на младите во странство, но и во градовите низ државава.

Во текот на минатата година до двете општини на свет дошле над 140 бебиња, што е за четириесеттина бебиња помалку споредено со претходната година.

Како и изминатите години повеќе од мајките своите рожби на свет ги донеле во гинеколошките одделенија во општите болници во Струга и Охрид.

Во нашето одделение во 2022 година родени се 64 бебиња од дебарското подрачје, што е за 28 бебиња помалку споредено со претходната година. Во изминатите денови од годинава имаме седум бебиња, изјави Крсте Стојаноски, началник на Гинеколошкото одделение во струшката болница.

Последните две години расте бројот на мајките кои одлучиле да се породат во Општата болница во Охрид.

Во нашето одделение лани имавме 50 новороденчиња, чии мајки се од Дебар и од општина Центар Жупа. Споредено со претходната година станува збор за 7 бебиња помалку. Во изминатите денови од овој месец имаме четири бебиња, рече Мимоза Влаши, началничка на Гинеколошкото одделение при општата болница во Охрид.

Во Гинеколошкото одделение во дебарската општа болница со проширена дејност, која со здравствена заштита ги покрива двете општини, бебешки плач се слушал 18-пати во текот на минатата година, што е за две бебиња помалку споредено со 2021 година. Во новата 2023 сè уште не се слушнал бебешки плач.

Дел од дебарските родилки, како и изминатите години се породиле во клиниките во Скопје, каде светлото на денот за првпат го виделе десеттина бебиња.

извор : Слободен Печат

Read Previous

Скопјанецот ги убил мајка си и баба си, па легнал да спие – утрото ѝ кажал на матичната што направил

Read Next

Виктор Димовски наместо на Шанзелизе, останува во Скопје