тре завршува јавниот оглас на Град Скопје, со кој се бараат превозници за автобуските линии 20 и 22, а за една недела истекува и огласот што се однесува на линиите 9, 11 и 12, за чие опслужување се потребни минимум 22 автобуси. Станува збор за линии на кои до пред повеќе од два месеца возеа приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, со кои градоначалничката Данела Арсовска ги раскина договорите откако стапија во штрајк барајќи ЈСП да им ги исплати парите што им ги должи за реализираниот превоз на патници.
Ниту превозниците си ги добија парите ниту градоначалничката се обиде да го реши проблемот, а засега не е реализирано ниту ветувањето на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се сретне со превозниците, кои поради тоа ветување ги тргнаа автобусите со кои ги блокираа улиците низ Скопје. Причината поради која сè уште не дошло до средба, според премиерот е тоа што УЈП сè уште не го доставило извештајот од контролата извршена во двете здруженија на приватни превозници, од кој може да се види дали постои долг и колку изнесува.
Во меѓувреме, на улиците во главниот град сериозно недостасуваат автобуси. Трпението на граѓаните секојдневно се искушува откако тие по половина час и повеќе стојат на станиците чекајќи го автобусот што ќе ги однесе во саканиот правец. Во автобусите поради тоа е гужва, преполни се со патници, дисплеите на станиците не го покажуваат точно возниот ред, автобусите се нередовни – и валкани.
Од ЈСП, со своите капацитети се обидуваат да го надоместат отсуството на приватните превозници, но тоа тешко се постигнува во услови кога на терен недостасуваат стотина возила. Сепак, тврдат дека јавниот сообраќај нормално се одвива, а дека сите информативни табли, и покрај поплаките на патниците, се синхронизирани со GPS-уредите на возилата.
Се случуваат инцидентни технички проблеми, при што информациите од дисплеите не соодветствуваат со фактичката состојба на терен. Најчесто, отстапувањата се поради проблеми со дистрибуција на струја, но веднаш по дојава за таква ситуација, соодветната служба реагира и дисплеите се враќаат во нормала. Се реагира на терен по дојава на внатрешна контрола,
патници и слично – објаснуваат од ЈСП.
Граѓаните реагираат и на тоа што автобусите, особено двокатните, се целите облепени со реклами, дури и на прозорците, па кога е гужва не знаат ниту до каде се стигнати ни каде треба да се симнат. Посебен проблем за луѓето што користат јавен превоз е хигиената во автобусите, особено на оние старите што во изминатиов период се поправаа и се враќаа на улиците. Од ЈСП „Скопје“ и на оваа забелешка имаат подготвен одговор – тврдат дека секојдневно се одржува хигиена во сите возила што се пуштаат во сообраќај.
Сите возила се подложни на т.н. дневна нега (рачно/машинско суво и мокро чистење), а се врши и секојдневна дезинфекција на возилата. За жал, значителен дел на корисници на јавниот превоз не се однесуваат соодветно во однос на хигиената, што се забележува секојдневно, со оглед на тоа што сè изнесуваат хигиеничарите по чистење на секое возило (лименки, хартии, кеси, остатоци од храна/грицки…) – велат од Јавното сообраќајно претпријатие префрлајќи ја вината за нечистотијата на патниците.
Дали со завршувањето на јавните огласи и со евентуалното склучување договори со нови превозници ќе се реши моменталниот хаос во градскиот превоз, сè уште е неизвесно. Прашање е дали воопшто некој е заинтересиран за вршење на оваа услуга, по последните случувања со „Макекспрес“ и „Слобода превоз“. Од Град Скопје досега нема никаква информација дали има заинтересирани и дали веќе некои се пријавиле на распишаните огласи. Доколку има стигнато понуди тие треба да се отворат на 16 јануари, а за огласот на кој се бараат превозници за линиите 9, 11 и 12, отворањето на понудите е на 24 јануари.
Во врска со состојбите во јавниот градски превоз, а во контекст со загадувањето на воздухот, деновиве се огласи и координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
Проблемот, односно хаосот со јавниот превоз создаде дополнителен притисок, кој директно влијае врз зголемувањето на загадувањето во градот. ЈСП е нефункционално, приватните превозници не возат, нема инвестиција во еколошки мерки за транспортот, дури нема ниту времени мерки за бесплатен јавен превоз. Сето тоа предизвика да се зголеми користењето на возилата во Скопје, а со тоа да порасне и загаденоста на воздухот. Нема ништо од најавуваните 100 електрични автобуси, лично од страна на Христијан Мицкоски. Блокирањето на проектот за современ еколошки јавен транспорт во Скопје, познат како БРТ, се покажува како исклучително штетна одлука на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска – истакна Јанчева.
Извор : Слободен Печат