Шефот на дипломатијата Бујар Османи, по денешниот состанок со амбасадорите на САД и на Јадранската повелба, изјави дека средбата во Тирана, околу која се плетат разни сценарија изминатите три дена кај нас – е новогодишна и без некоја конкретна агенда.
-Според моите информации средбата во Тирана е новогодишна со цел размена мислења за актуелностите во регионот, за очекувањата од новата година и посакувања за поголема соработка. Оваа година се уште ќе биде година на предизвици во регионот…Нема некоја предвидена агенда за која ќе се разговара на неа. Премиерот на Албанија е докажан пријател на Северна Македонија. Посебно тоа го докажа во преговорите со Бугарија, кога буквално некогаш на сметка на интересите на Албанија, се изложуваше кажувајќи ги позициите и на Македонија во тој дел. Не треба да се создаде конспирација по однос на тие средби, рече Османи на прес конференцијата.
Според него, политичките партии во земјата имаат интерес да ги искористат сите ситуации за добивање политички поени, но понекогаш тоа ги преминува сите граници и испаѓа дека нема фокус на државните интереси туку на партиско-политичките.
Претходно, потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани порача дека Билал Касами нема да оди во Тирана бидејќи целта на закажаната средба на лидерите на партиите на Албанците во Тирана е промовирање на нова влада на Димитар Ковачевски, проширена со уште еден коалициски партнер и спас на речиси две години мандат“,изјави Лимани за МКД.мк.
„На Централно претседателство на Беса донесовме одлука ако на состанокот во Тирана присуствува Ахмети дека ние нема да седнеме на иста маса, односно Беса не оди во Тирана“, вели Лимани.
Тој потсетува дека Беса пред еден месец имаше упатено покана до партиите на Албанците со свои претставници да седнат на една маса и да изградат заеднички став во врска со „францускиот предлог“ за уставни измени.
„Ахмети тогаш врати со понижувачки одговор кон нас, во смисла дека Беса не е фактор за да повикува на вакви состаноци, но и рече дека состанок само на албански лидери не е во духот на градење доверба помеѓу Албанците и Македонците. Значи, не треба да седнуваме одделно од Македонците зашто се работи за критичен период, кога се потребни гласови за уставни измени од пратеници Македонци“, вели Лимани, па постави прашање: „Во овој случај дали состанокот во Тирана е во духот на градење на меѓусебна доверба? Зошто СДСМ го поздрави овој чин и состанокот во Тирана? Што се крои таму?“
извор: НЕЗАВИСЕН