Во последните 5 години, 939 лекари се иселиле од земјава, според податоците од издадените лиценци за работа надвор од земјава. Но кој ќе остане да ги лекува граѓаните? Во некои општини како Дојран и Чашка воопшто нема матични лекари. Доколку продолжи овој тренд, за 5 до 10 години нема да имаме воопшто матични лекари, предупреди претседателот на општите лекари Драган Ѓорѓиевски, објави ТВ21.
За недостигот од матични лекари и услуги во некои амбуланти, министерот за здравство Беким Сали рече дека треба да се редуцира бројот на здравствени институции во некои општини, земајќи ги како пример Струга и Охрид.
„Намалување на здравствените институции, но не и на работните места. Што значи дека не треба да имаме 8 дежурни во два блиски града кога можеме да имаме двајца, односно сето ова да се рационализира и работиме во таа насока“, вели Беким Сали.