Влеговме во космички замор и на сите ни треба момент на ренесанса. Зад нас оставаме уште една тешка година, обременета со кризи. Уште не ја заборавивме здравствената, влеговме во економска, финансиска, енергетска и каква уште не – криза. Војна се води на европска почва. Да се биде успешен во вакво време кога околностите за стопанисување се секојдневно „бомбардирани” од надворешни предизвици, кои доведоа до отежнување на животот насекаде во светот e за голем респект. Наградата „Менаџери на годината“ се доделува на лидери во секоја смисла на зборот, оние кои инспирираат, оние чија извонредна визија ја подигнува компанијата на повисоко ниво, оние кои постигнуваат исклучителни резултати, оние кои стојат зад успешни општествено одговорни компании. Ова се дел од успешните менаџери во Македонија, оние кои по изборот на весникот ВЕЧЕР и порталот vecer.press заслужено го добија ова признание за 2022 година.
ЖИВКО МУКАЕТОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА „АЛКАЛОИД“ АД СКОПЈЕ
Имаме високи очекувања дека и во 2023 година ќе успееме да продолжиме со трендовите на раст на компанијата
На крајот сме на една деловна година исполнета со голем број очекувани, но, за жал, и со целосно неочекувани предизвици и турбуленции. Здравствената криза, во согласност со очекувањата, премина во економска, но уште на почетокот од годината стана јасно, од добро познати причини, дека економската криза дополнително ќе се продлабочува и дека ќе добива нови размери. И покрај сѐ, АЛКАЛОИД успеа да најде начини и можности да ги неутрализира актуелните ризици. Притоа, во согласност со досегашните остварени резултати, очекуваме повторно да забележиме пораст кај клучните параметри во споредба со минатата година, а со тоа и уште една успешна година.
Што се однесува до 2023 година, во согласност со најавите и гледано од глобален аспект, треба да се очекува дека ни претстои уште потешка година, исполнета со многу тековни предизвици, чиј интензитет е тешко да се предвиди. Ќе доминираат инфлацијата, високите цени на енергенсите и растот на каматните стапки, кои ќе го отежнуваат економскиот амбиент. Тешкотиите кај синџирите за испораки и кај достапноста на одредени материјали ќе продолжат, исто така. Но, сепак, благодарение на нашиот најскапоцен ресурс – луѓето, инвестициите насочени спрема истражување и развој, зголемувањето на производствените капацитети и на новите технологии, на конкурентното производствено портфолио и ширењето на пазарите, докажаниот квалитетет на нашите производи и на алкалоидовиот бренд, имаме високи очекувања дека и во 2023 година ќе успееме да продолжиме со трендовите на раст на компанијата. За остварување на овие цели ќе бидат неопходни и нови вработувања, што ќе доведе до раст на бројот на вработените, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и во усовршување на нивото на нивните знаења и вештини и во градење таленти.
БИЛАЛ СУЏУБАШИ, ГЛАВЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА ХАЛКБАНК АД- СКОПЈЕ
Неопходно ќе биде да се продолжи со борбата против инфлацијата
Годината што ја оставаме зад нас беше проследена со прекини во снабдувањето и повисоки цени на храната и енергијата, главно поради комбинацијата на „ковид“ ефект, неповолни климатски промени, војна и недостиг на храна, што доведе до рекордно зголемување на инфлацијата во многу земји во светот, инфлација изразена во двоцифрени бројки каква што немало од 90-тите наваму.
Ова неминовно ја наметна потребата од затегнување на монетарната политика од страна на глобалните централни банки и пораст на основните каматни стапки. Па така, Американската централна банка (ФЕД) во неколку наврати ги зголеми каматните стапки со што трошоците за задолжување стигнаа во опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е највисоко ниво во последните 15 години. Исто така, Европската централна банка годинава четири пати ги зголеми каматните стапки до ниво од 2,50 отсто со цел достигнување ниво кое ќе биде доволно рестриктивно за да обезбеди навремено враќање на инфлацијата до среднорочната цел од 2 отсто. Кај нас каматната стапка на благајничките записи достигна ниво од 4,75%, со што Народната банка на РСМ продолжи со затегнувањето на монетарната политика заради одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност. Генерално, на глобално ниво, ова беше проследено со одредени рецесивни движења и пад во БДП-то.
Иако кај нас трендот на забрзување на годишната инфлација беше прекинат за првпат во ноември оваа година (инфлацијата забави на 19,5%), главно поради промените на цените на меѓународните пазари. Сепак, ризиците од преносните ефекти од цените на енергијата и на храната врз базичната инфлација сè уште постојат.
Халкбанк АД Скопје, следејќи ги сигналите што доаѓаат од Народната банка, во неколку наврати направи нагорни корекции во каматните стапки на кредитите и на депозитите.
И во текот на 2023 година, цените на храната би можеле да се задржат на високо ниво. Неопходно ќе биде да се продолжи со борбата против инфлацијата за да не се вкоренат очекувањата за зголемени цени. Затоа е голема веројатноста дека глобалните централни банки ќе продолжат со зголемување на каматните стапки и во следниот период, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од динамиката на глобалните цени на примарните производи. Иако производството и инвестициите во напредните економии се предвидува да се вратат на предпандемските трендови следната година, тие ќе останат сè уште на пониско ниво во развојните пазари и развојните економии, главно поради поцврстите фискални и монетарни политики и неизлечените последици од пандемијата.
Трајното воспоставување на доверба во економските политики е критично, како за домашните финансиски пазари, така и за инфлациските движења. И покрај сите промени и неизвесности во екосистемот во кој работиме, сметам дека нашиот банкарски сектор, кој има силна финансиска структура, игра водечка улога во користењето на технологијата во согласност со сите меѓународни стандарди и има ефективен пристап за управување со ризикот и истиот ќе продолжи да ја поддржува економијата на нашата земја и во 2023 година со инклузивен и креативен пристап.
ДАРКО ДЕДИЌ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА ВИНЕР ЛАЈФ – VIENNA INSURANCE GROUP
По три години полни со предизвици се надеваме дека ќе запловиме во помирни води
2022 година ја поминавме во турбулентно економско опкружување. Развојот на економијата досега зависеше пред сѐ од пандемијата, а потоа и од војната во Украина. Бевме сведоци на случувања каде што реалниот сектор се покажа како најчувствителен на негативните последици на неповолното пазарно опкружување. Беше вистински предизвик да се освои и да се задржи довербата на клиентите во такви услови.
Економското закрепнување зависи од трендовите на меѓународните пазари. Во согласност со проектираната динамика на раст на македонската економија, може да се очекува неутрализирање на негативните економски последици во наредниот период, да се стабилизира стапката на инфлација, да порасне личната потрошувачка и инвестициите.
Како дел од групацијата „Виена иншуренс груп“, нашата мисија, визија и вредности се во тесна корелација со тие на групацијата. Долгорочната стратегија е фокусирана на клиентите. Се залагаме за стабилност во заштитата од ризици, а наша одговорност е да ги заштитиме вредностите кои им се важни на нашите клиенти.
И покрај споменатите неповолни пазарни услови, можеме да констатираме дека пазарот за животно осигурување е во постојан пораст. Благодарение на посветеноста и професионалниот пристап на целиот тим на „Винер лајф“, во 2022 година очекуваме да оствариме двоцифрена стапка на раст на осигурителната премија, а бројот на осигурени лица да се зголеми за околу 5.000 осигуреници. Паралелно со развојот на компанијата во 2022 година се зголемија и надоместоците за исплатени штети, кои според нашите очекувања треба да достигнат износ околу 90 милиони денари. Овие резултати ги постигнавме со почитување на високи стандарди, брза и квалитетна услуга, а во градењето на стабилни релации помогна и флексибилноста на компанијата во однос на барањата и можностите на клиентите.
И покрај растот со кој можеме да бидеме задоволни, очекуваме и во наредниот период да го зголемиме нашето портфолио, да ја зацврстиме нашата позиција на пазарот, да продолжиме со развој на нови производи и континуирано да ги подобруваме нашите услуги кон клиентите бидејки нивната доверба е најзначаен показател за успешноста на компанијата.
Предвидувањата на идните економски текови никогаш не се едноставни, но се надеваме дека во 2023 година ќе започне процесот на економско закрепнување, дека ќе забави процесот на брзи промени во легислативата и дека по 3 години полни со предизвици ќе запловиме во помирни води.
МИТКО ЈАНЧЕВ, СОПСТВЕНИК НА „КОЖУВЧАНКА“ И ГРАДОНАЧАЛНИК НА КАВАДАРЦИ
Секогаш гледам на позитивната страна, за 2023 имам големи очекувања
Не треба многу да се размислува за да се каже дека енергетската криза беше главен белег на годината што веќе изминува. Енергетската криза нанесе сериозни последици на македонското стопанство и беше една од главните причини кои предизвикаа двоцифрена инфлација и намалување на стандардите на граѓаните.
Јас како личност секогаш гледам на позитивната страна на нештата, па така и оваа енергетската криза сепак имаше позитивен импакт и го поттикна бизнис-секторот да инвестира во алтернативни извори на енергија како никогаш досега и да придонесе во намалувањето на енергетската зависност на државата.
Како градоначалник на Општина Кавадарци, морам да истакнам дека и покрај енергетската криза имавме успешна година во која, четиригодишната предизборна програма што им ја ветивме на граѓаните ја реализиравме 70% во 2022 година, а кавадарчани добија низа инфраструктурни проекти како што се: градскиот пазар, нова детска градинка, нова атмосферска канализација, реконструкција на канализациска и водоводна мрежа, патишта, тротоари, нови зелени површини и многу други.
Буџетот на Општина Кавадарци бележи историска реализација од 98,2 проценти во приходниот дел во фискалната 2022 година, а до крај на година се очекува 100%, што не е случај со ниту една општина од воведувањето на децентрализацијата. Ова ми дава за право 2022 година да ја оценам како исклучителна успешна година за мене и за институцијата што ја менаџирам.
За годината што доаѓа имам големи очекувања кои истовремено се и мои предизвици, со интервенции во локалниот економски развој да придонесам кон трансформација на локалната економија и зголемување на економскиот раст. Секако дека политичкиот и економскиот амбиент во државата е исклучително значаен, што значи дека граѓаните, бизнис-секторот, институциите, а и меѓународната заедница имаат големи очекувања кои ние како актери на локално и нацонално ниво треба да придонесеме во нивна реализација.
На крајот, би сакал да Ви посакам на сите, а посебно на моите кавадарчани, среќни новогодишни и божиќни празници, исполнети со здравје, љубов и разбирање.
БРАНКО ГРЕГАНОВИЌ , ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА НЛБ БАНКА- СКОПЈЕ
Очекувам 2023 година поголема стабилизација на макроекономски план, намалување на инфлацијата и зголемен раст на економијата
На крајот од годината се навраќаме на постигнатото, ги анализираме позитивните искуства, но и учиме од начинот на кој сме одговориле на предизвиците во изминатата 2022. Сите сакаме да ја проектираме прецизно 2023 година и со оптимизам да зачекориме во новото поглавје.
Лично, сметам дека 2022, како и претходните две години, беа полни со предизвици кои ќе ги паметиме. Ова за нас значеше широко поле на работа и висок степен на подготвеност за да создадеме што поефикасни решенија за иднината. Бевме сведоци на зголемената потреба од дигитални решенија во банкарското работење кои ќе се адаптираат кон новите навики на луѓето. Тие се изјаснија дека го преферираат дигиталниот начин на работење! Среќа, ова не беше нов тренд туку нешто за кое се спремавме подолго време, едноставно пандемијата го забрза и засили скокот кон дигиталната трансформација.
И во 2023 година продолжуваме со слично темпо и слична цел: да работиме во интерес на граѓаните, домашната економија и воопшто општеството. НЛБ Банка како дел од НЛБ Групацијата, чиј фокус e регионот на Југоисточна Европа, и понатаму ќе биде посветена на активности, производи и услуги кои се во служба на одржливиот развој. Продолжуваме со засилена имплементација на иновативни и дигитални финансиски решенија кои ќе им помогнат на нашите сограѓани и компании да го најдат својот пат во дигиталниот свет.
Очекувам 2023 година на Северна Македонија да ѝ донесе поголема стабилизација на макроекономски план, со намалување на нивото на инфлација и зголемен раст на економијата. Во 2022 година беа донесени мерки за намалување на инфлацијата, како и мерки за справување со енергетските и ценовните шокови, од денешна перспектива сметам дека беа добар чекор што ни остава простор да имаме и позитивни очекувања за 2023 година. Секако, овде не би го изоставил значењето на преговорите за пристапување кон Европската Унија, што дефинитивно ќе создаде позитивен амбиент за бизнисите и поволни услови за зголемени инвестиции на домашните компании.
И за крај не би ја изоставил и нашата 11. по ред The Banker награда која ни ја донесе 2022 година. Станува збор за една од најпрестижните награди во финансискиот сектор. Горд сум на тимот на НЛБ Банка Скопје со кој поместуваме планини и заеднички создаваме вредности кои очигледно не остануваат незабележани. Нашиот труд и придонес прави вистинска разлика во банкарскиот, но и пошироко во финансискиот сектор. И во иднина ќе продолжиме во стремежот да бидеме значајна алка во стопанството и да имаме значаен придонес во создавањето на подобар животен квалитет за граѓаните.
ДИОМИДИС НИКОЛЕТОПУЛОС, ГЕНЕРАЛЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР И ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА СТОПАНСКА БАНКА АД – СКОПЈЕ
Изминатите години нè подучија да се надеваме на најдоброто, но во исто време да сме подготвени за најлошото
Стопанска банка веќе подолг период покажува одлични остварувања и импресивни резултати, вклучително и оваа година. За првите 9 месеци од 2022 година наспроти предизвиците и потешкотиите Стопанска банка постигна раст на кредитното портфолио од 7,1% на годишно ниво, со реализирана профитабилност пред оданочување од 37,2 милиони ЕУР. Овие постигнувања не прават горди и ни даваат поттик и оптимизам да продолжиме со истото успешно темпо на работење и во годините што претстојат.
2023 година се чини ќе биде уште година исполнета со предизвици, дури и да се изнајде разрешница на кризата, изгледа дека негативниот одраз ќе биде присутен подолго време. Нашите клиенти ги чувствуваат од прва рака ефектите од кризата и знаат што да направат, но на овој крстопат ќе им треба нашата поддршка, дотолку повеќе. Изминатите години нè подучија да се надеваме на најдоброто, но во исто време да сме подготвени за најлошото. Сè што можам да им кажам е дека секоја криза во одреден момент ќе биде надмината, да бидат силни и истрајни, да бидат внимателни и прудентни во изборите кои ќе ги прават, но во исто време да не го губат оптимизмот и динамичноста во наоѓање на решенија и искористување на нови можности.
Што се однесува до нашата понуда за новитети, би сакал да нагласам дека ние на нашите клиенти, граѓаните и компаниите, им нудиме пред сè сигурни и безбедни дигитални решенија кои ги задоволуваат нивните најзначајни потреби. И повеќе од тоа, работиме на иновации и им нудиме нови производи и услуги со кои се прошируваат полињата за соработка и се зацврстува заедничката релација.
КУРТХАН АЛАЈДИН, ГЛАВЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА „ЛИМАК СКОПЈЕ“
Голем успех е што и во услови на раст на цените ги реализиравме нашите планови
Мислам дека сите ќе се сложиме дека 2022 година беше исклучително уникатна по одредени аспекти. Се соочивме со предизвици кои не можевме целосно да ги предвидиме и веројатно нема да ги искусиме повторно во текот на нашиот живот. Но, секогаш имало периоди во кои одредени настани доаѓале неочекувано или, пак, тековите на настаните оделе во сосема спротивна насока од очекувањата. Во вакви околности клучот за успех е брзо да се приспособите и да ги организирате вашите активности во согласност со моменталните услови. Само така можат да се намалат ризиците, а ако сте доволно аналитични, упорни и истрајни, можете дури и да постигнете успех, како и да го сочувате. Ние во „Лимак Скопје“, целосно, како тим, би кажал дека бевме и упорни и истрајни. И покрај негативните трендови, кои се случија предизвикани од војната во Украина, како резултат на што сѐ уште имаме енергетска криза и раст на цените на производите и услугите и инфлација, успеавме да влеземе во завршната фаза на изградбата на нашиот уникатен мултифункционален комплекс „Diamond of Skopje“. Многу скоро, за сопствениците и станарите, ќе бидат достапни и другите содржини, како што е „Diamond Mall” и првите две висококатници за домување, покрај Limak Skopje Luxury Hotel, кој веќе е прв избор за престој и одржување на деловни настани и други свечености. Навистина, за мене е голем успех што заедно со нашиот тим успеавме и во услови на раст на цените на градежните материјали и услуги и отежнат синџир на набавка да ги реализираме нашите планови со примена на ефикасни инженерски практики, иновативен дизајн и, се разбира, благодарение на финансиската моќ на Групацијата „Лимак“.
Најзначаен настан за мене беше завршувањето на првите две висококатници од комплексот и почетокот на изградба на третата и на четвртата кула. Во нашиот проект нема случајности. Ќе продолжиме со уште поголема посветеност и мотивација за изградбата на последните две висококатници. Особено сум задоволен од големиот интерес за становите. Врвниот квалитет за домување и одржливиот урбан концепт, кој вклучува прекрасни зелени површини што ги нудиме во нашиот комплекс, беше одлично прифатен и становите во првите два станбени објекти се речиси продадени, а голем е интересот за купување на становите и во третата и четвртата висококатница.
Според анализите кои ги правиме, но и според општите трендови, следната година ќе биде полна со предизвици како и оваа, но со свои специфики. Затоа продолжуваме да ги следиме трендовите со однапред подготвени сценарија. Ќе продолжиме да ги следиме цените на енергенсите, индексите на цени, цените на градежните материјали, пазарот на недвижности, пазарот за закуп на простор, со цел да ја задржиме нашата конкурентска предност.