ноември 23, 2024

Маглата го отежнува сообраќајот, се чека за излез и влез на премините Табановце и Пелинце

Поради појава на магла, намалена е видливоста  од 50 до 100 метри на патните правци Битола – Прилеп – Плетвар, Кичево – Македонски Брод, Скопје – Куманово, Скопје – Велес, Велес – Катланово и Кочани – Штип, а на патот  Тетово – Групчин со 150 метри, информира АМСМ во вечерниот извештај за состојба на патиштата.

АМСМ соопшти дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничниот премин Табановце, за излез од државата се чека околу еден час, а за влез во државата околу 40 минути. На граничниот премин Пелинце, пак, за влез и за излез од државата се чека околу 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

Маглата од вчера го отежнува и одвивањето на авиосообраќајот од Скопскиот аеродром, каде од 20 часот синоќа до девет часот изутрината беа откажани девет лета, а  четири пренасочени. Од 9 часот денеска се одвиваше по регуларниот распоред и з алетовите до 17 часот не се очекуваа нарушувања. Од ТАВ Македонија ги упатуваат патниците да ја следат веб-страницата: skp.airports.com.mk, во делот Летови (Заминувања/Пристигнувања), каде што евентуалните промени во редовниот распоред на летови се ажурираат во реално време, како што ги добиваат информациите во нивните системи.

УХМР најави дека продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со релативно високи дневни температури. По котлините вклучувајќи ја и Скопската Котлина и понатаму ќе има појава на магла и ниска облачност со променлив интензитет, особено во ноќните и претпладневните часови, како и пониски дневни температури. Утре ќе дува умерен северозападен ветер, особено долж Повардарието поради што преодно ќе се намалат условите за магла.

Read Previous

Тројца уапсени поради потонатиот сплав во Белград, им се закануваат 8 години затвор

Read Next

Французите јадат остриги против мамурлак, пробајте и вие