„Процесот на борба против корупција започнува со истрага, па следува обвинение, па пресуда. Ако се стигне до крајот и добиете ослободување или помилување за сторени сериозни кривични дела, паѓа довербата во целиот систем“ изјави министерката за одбрана, Славјанка Петровска во емисијата „Вин-вин“ на Телма.
Таа додаде дека најлесно е да се впери прстот во извршната власт, но доколку сакаме ефикасен систем и борба против корупција треба да се детектираат сите слаби точки.
Министерката Петровска кажа дека во системот на функционирање на државата, ако било која институција или некоја од трите власти, затаи, тогаш настанува нарушување на целиот систем и кажа дека претседателот Пендаровски во Собранието имаше говор со кој отвори многу прашања за дебата за функционирањето на државата.
„Претседателот имаше државнички говор кој е рефлексија на реалноста во државата. Тоа треба да биде поттик за дебата за сите прашања кои го напомена, но на крај одговорноста е кај институциите кои се задолжени за справување со тие прашања“ рече Петровска.