ноември 22, 2024

Таравари: САД го одбија Фрчковски, ЕУ ја одби Арифи, се надевам дека Франција ќе го одбие Димовски

В.д претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари денеска соопшти дека партијата не се согласува со евентуалното испраќање на Виктор Димовски како амбасадор во Франција. Таравари смета дека Димовски предложениот кандидат не е подобен и имал блиски врски со Србија.

-Според информациите со кои располагаме, Димовски претходно го добил агреманот од француските власти но, неговото испраќање во Париз се одолжи поради внатрешните калкулации во владината коалиција за неговото заменување на чело на Агенцијата за национална безбедност. Секако, процедурата за неговото именување доби друга димензија после скандалот со Онишченко, каде што во центарот на настанот се наоѓа Димовски. Како што веќе сме истакнале и порано, скандалот Онишченко директно ја стави во опасност националната безбедност и го уништи режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ. Оценувам дека Виктор Димовски е неподобен и недостоен кандидат за да врши дипломатски функции и да ја претставува земјата, и тоа, поради многу причини. Минатото на Димовски предизвикува загриженост кога станува збор за неговите блиски односи со Србија, истакнати од нашите американски партнери, а сега веќе познати и на јавноста, рече Таравари.

В.д лидерот на АА понатаму на прес-конференцијата посочи дека како директор на Агенцијата за национална безбедност, Димовски бил препознатлив по издавањето на безбедносни сертификати на корумпирани лица и што се под истрага. Според Таравари, Димовски ги пркршил основните права на повеќе од 20 000 граѓани на оваа земја, на коишто од страна на Агенцијата за национална безбедност арбитрарно им е ускратено правото за државјанство на Северна Македонија.

-Сосема иронично, со оглед на скандалот со Онишченко, на нашите граѓани често им беше одбиено државјанството под тоталитарно оправдување дека претставуваат опасност за државата. Потсетуваме дека оваа бројка од повеќе од 20.000 блокирани апликации од Димовски ја даде јавно премиерот Ковачевски. Не постои ниту една дилема за одговорноста на Димовски за скандалот Онишченко, како директор на Агенцијата за национална безбедност. Димовски го имаше овластувањето за давање конечно позитивно мислење за рускиот олигарх и мора да даде отчет за тоа во тековните истраги и кои мора да одат до крај. Од самиот факт дека, после притисокот од меѓународните партнери власта му го одзеде државјанството на Онишченко, се призна дека имало прекршоци и последователно мора да има и одговорност, истакна Таравари.

Тој рече дека има три барања упатени до институциите во земјата и од француски пријатели. Прво Министерството за внатрешни работи веднаш да го објави извештајот од истрагата за одговорноста на Агенцијата за национална безбедност во скандалот Онишченко, второ, Претседателот Пендаровски да го отфрли указот на Димовски поради наведените причини. И трето, доколку сепак Димовски биде именуван, ги охрабрува француски пријатели да не го прифатат како амбасадор во Париз.

-Како убеден Европеец, како љубител на Франција и нејзините илуминистички и хуманистички вредности, верувам дека присуството на Димовски во дипломатскиот кор акредитиран во Париз би било навреда за Франција. Поединецот за кој станува збор е токму спротивното од она што го претставува Франција. Уште повеќе, сакам да верувам дека Франција нема да дозволи да биде користена како штит со доделување дипломатски имунитет на поединец вмешан во ваков скандал од меѓународни размери, без да ја докаже својата невиност, рече Таравари.

Тој потсети дека како што САД го одбиле Фрчковски, ЕУ ја одбила Арифи, затоа посакува и се надева дека Франција ќе го одбие Димовски.

Read Previous

ВМРО-ДПМНЕ: Во Старата скопска чаршија урнат објектот „Шар“ кој беше споменик на културата под заштита

Read Next

Најмногу голови во историјата на Светските првенства се постигнати во Катар