Во текот на денешниот ден, освен на Железници транспорт, ЕВН струјата ја исклучиле и на АД ГТЦ. Струја немало во целиот објект, вклучинително и дуќаните кои егзистираат таму. Сепак, ЕВН подоцна повторно ја вклучила струјата, откако од АД ГТЦ им било ветено дека во најскоро можно време долгот ќе биде подмирен.
„Точно е дека имаше прекин на електрична енергија во период од половина час, но тоа нема никаква врска со долг. Ни беше испратен и мејл од ЕВН со најава дека ќе нема струја поради дефект. ГТЦ на ЕВН му должи само една сметка која е околу 400 илјади денари, но тоа нема никаква врска со денешното исклучување”, тврди за МКД.мк Трајчевски.
Сепак, од ЕВН потврдија дека струјата била исклучена поради долг, а потоа повторно пуштена откако им било ветено дека долгот ќе биде подмирен во најскоро време.
ГТЦ е акционерско друштво, кое исто така е под ингеренции на Владата. Засега не е познато колкав е нивниот долг за струја, но вкупниот долг на државните претпијаија изнесува 40 милиони евра.
Пред извесно време ГТЦ се најде среде скандал, откако беа откриени „мајнери“ за копање на криптовалути кои трошат многу струја. Според информациите опремата била на Габриел Бајрам. Никаква постапка засега не е отворена за ова, иако дуќанџиите се жалеа дека плаќаат превисоки сметки за електрична енергија и за дуќани кои не работат. Со ова се фрла сомнеж дека токму тие ги плаќале сметките на ГТЦ за копањето криптовалути, но ГТЦ не ги исполнил своите обврски кон ЕВН.