ноември 23, 2024

Ердоган му се заблагодари на Путин за конструктивниот став за продолжување на Договорот за жито

Во разговорот, Ердоган го поздрави предлогот на Путин за формирање центар за природен гас во Туркије

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во телефонски разговор му се заблагодари на неговиот руски колега Владимир Путин на конструктивниот став за продолжување на Договорот за транспорт на жито преку Црното Море.

„Ердоган и Путин разговараа за последните случувања во врска со договорот, билатералните и регионалните прашања“, соопшти турскиот Директорат за комуникации.

Договорот за жито потпишан во Истанбул во јули од страна на Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина, вчера, неколку дена пред неговото планирано истекување, беше продолжен за уште 120 дена, почнувајќи од 19 ноември.

„Во разговорот, Ердоган, исто така, го поздрави предлогот на Путин за формирање центар за природен гас во Туркије“, се вели во соопштението.

Тој рече дека техничките и правните тимови ќе го оценат предлогот што е можно поскоро за понатамошно реализирање на планот.

Во врска со конфликтот во Украина, турскиот претседател му кажал на Путин дека продолжувањето на војната само ги зголемува ризиците и повикал на оживување на дипломатските напори.

Ердоган, исто така, ја поздравил неодамнешната средба меѓу шефовите на руските и американските разузнавачи во турската престолнина Анкара.

Тој изјави дека таквите иницијативи би можеле да играат клучна улога во спречувањето на ескалацијата во регионот, мислејќи на ракетниот инцидент во вторникот во Полска.

Турскиот претседател му се заблагодарил на Путин и за сочувството поради неодамнешниот терористички напад во Истанбул во кој загинаа 6 лица.

Read Previous

Мицкоски за можното влегување на Алијанса за Албанците во Влада: Доволна порака за граѓаните како да постапат на избори

Read Next

Основниот суд во Елбасан дозволи екстрадиција на Фарук Фатих Озер во Туркије