Вишата обвинителка Фатиме Фетаи се повлекува од трката за шеф на Вишото скопско обвинителство, дознава „Фокус“ од доброупатени извори.
Претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски за „Фокус“ посочил дека примиле имејл со известување за повлекување на кандидатурата на обвинителката Фетаи, но сепак додал дека ќе мора да се слушне со обвинителката за да ја потврди веродостојноста на информацијата, односно да се утврди со сигурност дека таа го испратила известувањето.
Изборот за шеф на вишото обвинителство требаше да се случи во понеделникот, но се одложи за следниот понеделник, односно за 21 ноември. Официјалната причина за одложувањето беше дека на членовите на Советот на јавните обвинители им било потребно уште време да ги разгледаат досиејата и оценките на кандидатите, но неофицијално сепак се шпекулираше дека членовите не можат да се усогласат, односно имало отстапувања од првичниот план за кого да гласаат.