ноември 23, 2024

Шаќири: Студентите се авангарда на позитивните промени, затоа ги поддржуваме и вложуваме во нивното образование

Во идните академски граѓани гледаме двигатели на општеството и авангарда на промените кои треба да се случат за да можеме да одиме напред и да се интегрираме во европското семејство и воопшто во развиениот свет. И затоа ги поддржуваме, вложуваме во нив сега, создавајќи им услови и можности за што подобра едукација, за да можеме понатаму да очекуваме фидбек.

Ова денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на настан во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје по повод Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември.

Упатувајќи честитка до младите кои одлучиле академски да се образуваат и посакувајќи им успех во остварувањето на образовните и на животните цели, Шаќири рече дека за оваа Влада унапредувањето на студентскиот стандард е еден од врвните приоритети.

– Плански и со вклученост на засегнатите, на младите и студентите, воведуваме системски решенија, мерки и активности, создавајќи постојано нови образовни можности, подобрени услови за настава и нови облици на финансиска поддршка, рече Шаќири.

Тој истакна дека токму оваа владина гарнитура воведе неколку нови видови на стипендии кои во минатото не постоеја и тој тренд ќе продолжи и годинава. Дополнително, додаде Шаќири, износите на сите видови постојни стипендии од лани драстично се зголемени, некои дури и за над 80 отсто.

– Ова е добра прилика уште еднаш да информирам дека во новиот конкурс за доделување на студентски стипендии кој очекувам да биде објавен следната недела, предвидени се и стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделството, ветеринарството и шумарството. Тие ќе бидат 30 на број, во износ од 6000 денари на месечно ниво и ќе се доделуваат за девет месеци во годината, рече Шаќири.

Министерот потенцира дека стипендиите се заедничка иницијатива на МОН и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која очекува да биде добар стимул за упис на поголем број студенти на факултетите од овие области, затоа што кадарот е навистина дефицитарен.

– Оваа Влада го воведе и субвенционираниот студентски оброк. И не постои никаква намера тој да биде укинат, туку напротив имаме за цел законското решение кое го регулира искористувањето на оваа мерка, да биде надградено, а во иднина износот да биде уште поголем од тој што сега се доделува на дневна основа и е во висина од 120 денари. Деновиве почнуваме дискусија со студентите за изнаоѓање на најдоброто системско решение кое ќе се применува од март или април следната година, а до тогаш ќе имаме исплата по постојните услови и тоа ретроактивно, нагласи Шаќири.

Read Previous

Стипендија од 18.000 денари за студентите на додипломски студии од земјоделскиот, шумарскиот или ветеринарниот факултет

Read Next

Во земјава има 27.711 компании со жени управители кои создаваат приход од близу 230 милијарди денари