ноември 23, 2024

Мицкоски: Владата ја користи инфлацијата за да собере повеќе пари од граѓаните и стопанството за да троши на договори во 4 очи

„Според Буџетот кој што го предложија за следната година предвидуваат инфлација од 7,7% и раст на економијата од 2,9% на БДП. И на основа на овие два параметри тие ја темелат претпоставката дека ќе соберат повеќе од 400 милиони евра во Буџетот. Замислете, значи Владата ја користи инфлацијата за да собере повеќе пари од граѓаните и стопанството за да троши“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Зрновци при одговарање на новинарско прашање.

Мицкоски додаде дека не знае друга Влада во светот која што на ваков начин планира Буџет да земе од граѓаните и од стопанството и да троши во договори во четири очи.

„Они велат 7,7%, иако јас мислам дека двоцифрена ќе биде и следната година стапката на инфлација во одредени месеци, сега просечната во текот на годината можеби нема да биде толкава и ќе зависи и од некои други фактори. Но, сепак мислам дека во некои месеци таа ќе биде двоцифрена“, појасни Мицкоски.

„Но, она што повеќе загрижува е што тие растот на приходите во Буџетот за следната година го темелат на тоа што преку инфлацијата од граѓаните кои што ќе плаќаат поскапи производи, поскап леб, поскапо сирење, поскап зејтин, поскапо брашно, поскап шеќер, ќе соберат повеќе пари преку даноците во Буџетот. Така они ќе ја водат економијата“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој укажа дека така водеше и држеше лекции претходникот што го носи Ковачевски врежан во срцето и самиот Ковачевски.

„Земи од народот и стопанството и кради. Така функционираат, но затоа тој ист народ ќе им каже на избори што мисли за овие нивни лекции и ќе доживеат историски пораз. А, после тој пораз следи и одговорност. За ваквата неодговорна политика следи одговорност“, порача Мицкоски.

Мицкоски додаде дека инфлацијата не е увезена бидејќи инфлацијата во Македонија е двапати поголема од таа која што е во Европа. Оваа енормна инфлација во Македонија се должи на неспособноста и слабото менаџирање на Владата.

Read Previous

Владата ќе ги едуцира граѓаните како да штедат струја

Read Next

Истражување: Вознемирувачки однесувања на наставници кон ученици