ноември 23, 2024

Трамп објави дека повторно ќе се кандидира за претседател на САД

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп синоќа информираше дека почнува со неговата трета претседателска кампања, со што се одлучи за предвремен почеток на трката за републиканска номинација за изборите во 2024 година.

– За Америка да биде повторно голема и величествена, вечерва ја објавувам кандидатурата за претседател на Соединетите Американски Држави, нагласи Трамп пред стотици поддржувачи, членови на клубот и пред новинари во салата на имотот Мар-а-Лаго на Флорида.

Тој стоеше покрај американски знамиња и транспаренти со слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“.

– Се кандидирам затоа што верувам дека светот сè уште не видел колку оваа земја навистина може да биде величествена. Повторно ќе ја ставиме Америка на прво место, посочи Трамп.

До објавата дојде само една недела по разочарувачките резултати на републиканците на изборите, што ќе ја натерат партијата да одлучи дали да ја поддржи кандидатурата на Трамп. Тој со одбивањето да го прифати поразот во 2020 година, поттикна бунт и ја доведе американската демократија на работ, пренесе Бета.

Уште една претседателска кампања е пресврт за кој било поранешен претседател, а особено за таков, кој влезе во историјата како прв кој е двапати отповикан и чиј мандат заврши со тоа што негови поддржувачи упаднаа во Капитол со цел да го запрат мирниот трансфер на власта, на 6 јануари 2021 година.

Во поголемиот дел од говорот, Трамп избегнуваше да именува одредени лица, нешто што го правеше за време на неговите претходни собири, а наместо тоа, го критикуваше актуелниот шеф на државата Џо Бајден и зборуваше за, како што тој смета, неговите успеси додека бил претседател.

Трамп влегува во трката во чувствителен политички момент. Тој се надеваше дека ќе го објави почетокот на кампањата по голема победа на републиканците на среднорочните избори за Конгресот, поттикната со кандидатите кои ги поддржуваше во предизборната кампања. Меѓутоа, многумина од нив изгубија, што им овозможи на демократите да ја задржат контролата над горниот дом на Конгресот, Сенатот а републиканците се само близу до тенко мнозинство во долниот.

Read Previous

Почна расправата во Собранието, зошто контроверзниот украински политичар добил македонски пасош?!

Read Next

МВР: Дојавите за експлозивни направи во седум училишта се лажни