ноември 22, 2024

Спасовски – Кларенбек: Унапредувањето на соработката во борбата против илегална миграција е заеднички интерес

Интерес на Министерството за внатрешни работи е унапредување на билатералната, мултилатералната, како и оперативната меѓународна полициска соработка, потенцираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната работна средба со холандскиот специјален претставник на миграција, амбасадорот Јост Кларенбек.

– Морам да истакнам дека односите на министерствата ги карактеризира висок степен на пријателство и разбирање. Соработката помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за безбедност и правда на Кралството Холандија се одвива на добро ниво, изјави Спасовски на средбата со Кларенбек, кој учествува на Министерската конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Како што соопшти МВР, и двете страни заеднички се согласија за повеќе активности во унапредување на билатералната соработка во областите борба против екстремизам и тероризам, борба против трговија со дрога, нови психотропни супстанци и прекурсори, форензика, компјутерски криминал, корупција, прекугранична соработка и обуки, размена на експертиза и поддршка.

– Во насока на централната тема на конференцијата, справувањето со илегалната миграција, министерот Спасовски потенцираше пред холандскиот колега дека на 26 октомври оваа година се потпиша Договорот со ФРОНТЕКС, иако Република Северна Македонија беше една од првите земји во регионот која го парафира Договорот со ФРОНТЕКС. Воедно, министерот Спасовски го информираше за миграциските текови, како и за состојбата на јужната граница. Во однос на бројките со илегалната миграција, министерот Спасовски го нагласи трендот на зголемување за 29,2 проценти на обидите за илегални преминувања со спречени 20.547 обиди најголем дел во период јули – септември оваа година, истакна Спасовски.

Кларенбек се заблагодари за можноста за средба и учество на конференцијата, му честиташе на министерот за потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС и посака негово успешно спроведување.

– Во насока на управувањето со миграции како важен елемент во меѓународната соработка, од страна на амбасадорот Кларенбек беше истакнато дека Холандија работи, заедно со ИЦМПД на изработка на платформа за враќање на нелегалните мигранти во земјите на потекло, која е замислена како можност за размена на оперативни искуства и знаење меѓу експерти од ЕУ и регионот – за што амбасадорот Кларенбек побара поддршка за предложената иницијатива и истата ја доби од министерот Спасовски, се додава во соопштението.

На крајот од средбата, Спасовски и Кларенбек заеднички констатираа дека реализирањето на важни активности во областа на меѓународната соработка во борбата против криминалитетот е од голема важност за зачувувањето на безбедноста на двете земји, како и за безбедноста на нашите граѓани, со оглед на тоа дека меѓународната полициска соработка зазема сè позначајна улога во сферата на меѓународната соработка за спречувањето на криминалот, и тоа како класичните, така и современите облици на криминал.

Read Previous

Предложен куќниот притвор за напаѓач врз новинарска екипа

Read Next

Почна расправата во Собранието, зошто контроверзниот украински политичар добил македонски пасош?!