Собранието на Република Северна Македонија денеска на пладне ќе ја продолжи 84. седница, а по неа треба да продолжат 69. и 88. седница, соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието.
Заостанати точки на дневниот ред на 84. седница се Предлог на закон за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, Дополнет предлог на закон за буџети, како и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската инвестициона банка по Финансискиот договор за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, двата по скратена постапка, Предлог на закон за изменување на Законот за спортска академија, Предлог на закон за установите за средно образование на верските заедници и Предлог на закон за дополнување на Законот за возила.
На дневен ред на 69 седница се заостанати Предлог на закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС), Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и на добиточна храна и фитосанитарна област во Западен Балкан, како и Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за поштенските услуги и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка.
Како последна за денеска е најавена 88. седница, на која на дневен ред како прва точка е Ристо Пенов да биде избран за министер за локална самоуправа, за што на седницата треба да присуствува предлагачот премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на ОАЕ. Потоа треба да се гласа за уставните судии за што расправата заврши синоќа, а на дневен ред на оваа последно закажана седница се и закони поврзани со мерките за енергетската ефикасност како и законите за здруженија и за политички партии и други.