Новиот пакет антикризни мерки вреден над 350 милиони евра вклучува финансиска поддршка за социјално ранливите категории граѓани. Предлог законот за финансиска поддршка е усвоен од Владата и влезе во собраниска процедура. Верувам дека ќе биде поддржан од сите пратеници, со оглед дека се работи за најранливата категорија на граѓани во државата.
Ова го истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во утринската емисија на Македонската Телевизија, во контекст на новиот владин пакет антикризни мерки.
Министерката потенцира дека со финансиската поддршка опфатени се над 170.000 граѓани. Исплатата ќе се врши до 5-ти во месецот, почнувајќи од ноември, во наредните четири месеци. Исплатата на финансиската поддршка ќе се врши без поднесување барање од нивна страна, врз основа на списоци на корисници на финансиска поддршка, изготвен врз основа на податоците од евиденциите на институциите.
-Вклучени се примателите на правото на социјална сигурност, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, подвлече Тренчевска.
На веб страницата на Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Агенцијата за вработување ќе се објавуваат списоците на корисниците на финансиската поддршка, а секој оној кој нема да се најде на списокот, а смета дека треба да биде корисник, посочи министерката Тренчевска, може да достави приговор, за што ќе биде формирана Комисија која ќе одлучува по приговори.
-Како Влада и ресорно Министерство ја следиме состојбата во државата, се прават анализи, доколку се утврди потреба од нов пакет мерки и потребата од поддршка на одредена целна група која сеуште е ранлива, ќе донесеме дополнителни мерки, рече Тренчевска.
Нагласи дека пензискиот систем е стабилен и дека пензиите ќе продолќат да се исплаќаат редовно и предвреме како и досега.