Први го парафиравме текстот на договорот со ФРОНТЕКС, усогласен со Европската Унија од сите држави во регионот, а не се потпиша тогаш, токму затоа што јас и Владата инсистиравме договорот да се потпише на македонски јазик. И, во тој процес настана блокада од страна на Бугарија, вели министрот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-Сега ги обновивме преговорите за потпишување на договорот со ФРОНТЕКС, и од аспект на тоа што е прв официјален документ или прв официјален договор не само што ќе се преведе, туку е прв официјален договор којшто ќе се потпише на македонски јазик, помеѓу ЕУ и РСМ, го потенцира неговото значење. Притоа, нема да има никакви дообјаснувања и фусноти, туку едноставно ќе биде на македонски јазик, изјави Спасовски во вчерашното интервју на кумановската ТВ Плус.
Ова, како што посочува министерот Спасовски, покажува дека тоа што говоревме при започнување на преговорите – дека македонскиот јазик е гарантиран, едноставно со овој договор ќе го потврдиме.