ноември 23, 2024

Нафтата минатата седмица поскапе за повеќе од десет проценти

Цената на нафтата на светските берзи минатата седмица се покачи за повеќе од десет проценти достигнувајќи го највисокото ниво за последните пет недели, откако ОПЕК и партнерите на картелот најавија значително намалување на производството од ноември.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се покачи за 11,3 отсто, на 97,92 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 16,5 отсто, на 92,64 долари.

Наглиот скок на цената на нафтата е последица на одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, од ноември да го намалат дневното производство за два милиони барели. Неколку членки на „ОПЕК +“ се обидуваат да ги исполнат договорените производствени квоти обременети од недоволни инвестиции или од санкции. Картелот заостануваше со производството за околу 3,6 милиони барели дневно зад целите предвидени за август.

„Снабдувањето всушност ќе се намали за милион до 1,1 милион барели дневно, со учество на Саудиска Арабија од 500 илјади барели дневно“, рече саудискиот министер за енергетика Абдулазиз бин Салман. Само еден месец подоцна, Европската унија ќе воведе ембарго на руската нафта што се испорачува со бродови, со што ќе се намали понудата на и онака значајно стеснетиот пазар.

„Една од клучните последици од најновите намалувања на ОПЕК (производството) најверојатно ќе биде враќањето на цената на нафтата над нивото од сто долари. Но, растот на цените веројатно ќе биде ограничен од сè понеповолните трендови во економијата“, изјави Стивен Бренок од „PVM“.

Најавата на ОПЕК за намалување на производството досега ги надмина стравувањата на трговците од можна рецесија и падот на побарувачката за нафта. Имено, поради високата инфлација, централните банки на западните земји последниве месеци набрзина ги зголемуваат каматните стапки, што ќе го забави растот на економиите, при што растат ризиците од рецесија.

Се очекува дека американската ФЕД и Европската централна банка повторно ќе ги зголемат клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени.

Цените на нафтата се оддалечија од најниските нивоа забележани во јануари, но и натаму се далеку пониски отколку во март, во почетната фаза од руската инвазија врз Украина, кога достигнаа до 147 долари за барел што е највисоко ниво откако почна со нафтата да се тргува преку термински договори.

„Со оглед на тоа што цената на барелот во Лондон сега е стабилизирана меѓу 90 и сто долари, ’ОПЕК +’ веројатно ќе биде задоволен од исходот и покрај сè уште мошне неизвесните изгледи за економијата“, рече Крег Ерлам од компанијата „ОАНДА“.

Read Previous

Зеленски: Рускиот тероризам ги оневозможува преговорите

Read Next

Директорот на Македонски железници Вејсели се сретна со директорот на Турските железници Уфук Јалчин