Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа го повтори својот став дека е невозможно да се преговара со Русија бидејќи нејзиниот тероризам на државно ниво ги оневозможува преговорите.
-Континуираниот тероризам врз цивилното население е очигледно отфрлање на Русија од вистинските преговори, рече Зеленски во видео пораката. „Тероризмот на државно ниво е едно од најтешките меѓународни злосторства“, додаде тој.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин ги обвини украинските разузнавачки служби за нападот на мостот Керч, нарекувајќи го „терористички чин“ врз важна инфраструктура.
-Нема сомнеж дека ова е терористички акт чија цел е уништување на исклучително важна руска цивилна инфраструктура, рече Путин.
Силна експлозија во саботата утрината го оштети мостот Керч, патен и железнички мост меѓу Русија и полуостровот Крим, што беше припоен во 2014 година.
„Путин ја обвинува Украина за тероризам? Звучи цинично дури и за една Русија“, одговори советникот на претседателот Михајло Подољак на Твитер.
Притоа тој реферираше на вчерашниот ракетен напад врз јужниот украински град Запорожје, во кој според последните податоци загинаа најмалку 13 лица, а беа ранети 87.
„Тука постои само една терористичка држава и цел свет знае која е таа“, додаде Подољак во твитот.