ноември 23, 2024

Од старо железо младиот скулптор Озбек Ајваз од Скопје го изработи „Тешкото”

Осум човечки фигури, шест играорци, тапанар и зурлаџија од отпадно старо железо во една композиција ги изработи младиот скулптор Озбек Ајваз од Скопје. Го нарече „Тешкото“ и го симболизира македонското автентично оро. Скулптурата се наоѓа во дворот на Железара. Ајваз го работел делото три месеци, а тежи отприлика тон и пол, пишува Умно.мк 

„Користев запчаници, капаци од мотори од фрижидери, арматури, шрафови. Овде има осум метални скулптури, но тоа не е случајно. Осумка, како симбол на бесконечност, осум бидејќи македонското срце чука во седумосмински такт, но и затоа што осум години учев вајарство – четири години во средно и четири години на Факултетот за ликовни уметности” – објаснува уметникот за Умно.мк

Идејата му дошла во време на карантините како последица на Ковид-19.


„Затворени дома цел ден го гледав орото, потоа земав правев скици и потоа почнав со реализација. Орото се игра во Галичник. Кога мештаните заминувале на печалба, сите тажни го играат. Зашто од печалба назад во роден крај тешко е враќањето. Самото име „Tешкото“ нè потсеќа на орото, некој тежок момент во животот, затоа и го одбрав „Тешкото“ од тежок материјал. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на „Макстил“ кои беа спонзори со железото за денес да го видиме делото целосно” – вели Ајваз.

Озбек Ајваз е роден на 10 јули 1999 година во Скопје. Скулптурите ги третира апстрактно геометриски. Формите на скулптурите кои се претставени, доволни се да создадат приказна поврзана за животот и тековните случувања околу нас. Завршил во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсеког вајарство, под менторство на проф. Ангел Нацевски и проф. Бранко Јакшич. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во 2021 година на вајарство со модул сценографија под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим.

Read Previous

Извештај на ОЕЦД: Светската економија забавува, ја плаќаме цената на војната

Read Next

Продолжува комисиската расправа за состојбата во енергетика, Владата одобри средства за непречено снабдување со топлинска енергија на Скопје