Белата куќа најави дополнителна воена помош од 600 милиони долари за Украина, додека Соединетите држави се обидуваат да ја поддржат контраофанзивата на Киев против руската инвазија. Во меморандумот на Белата куќа се вели дека американскиот претседател Џо Бајден ќе ги искористи своите претседателски ингеренции кои му дозволуваат да одобри трансфер на оружје од американските резерви.
Помошта се состои од опрема и услуги, како и обука, се вели во соопштението на Белата куќа. Не се дадени повеќе детали како на пример видот на оружјето. Се очекува пакетот да содржи муниција, вклучително и повеќе артилериски ракетни системи со висока мобилност (HIMARS), наведува Ројтерс, цитирајќи извори кои побарале анонимност. Вашингтон испрати околу 15,1 милијарди долари помош за владата во Киев од руската инвазија.