Патувачкиот караван на „Литера“ ги посети Валандово и селата Чалакли и Казандол
Намерата литературата и илустрацијата за деца да стигнат и до помалите средини викендов на тимот на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ му ја донесе најголемата награда – веселиот детски џагор. Патувачкиот караван на „Литера“ ги посети Валандово и селата Чалакли и Казандол и оттаму се врати со уште поголема желба за промени.
Во Центарот за култура „25 Мај“ во Валандово, авторката Магде Ангова ја претстави книгата „Невидливата куќа“ од Билјана С. Црвенковска и Ване Костуранов, а потоа читаше делови од својата книга „Гатанки за сè и сешто и за уште по нешто“. За важноста на читањето како здрава навика пред најмладите говореше Мирко Трајановски, автор на сликовницата „Волшебното патување на Простор и Време“, за која илустрациите ги создаде Кристијан Јованоски.
На трибината „Дали може литературата за деца да придонесе за развој на помалите средини?“ на која учествуваа директорот на Центарот, Дејан Исиров, градоначалникот Перо Костадинов, Мехмед Ариф – автор за деца и Софија Семенпеева Трајановска – творец на „Литера“, беа отворени важни прашања и заклучоци за значењето на културата во развојот и на децата.
– Културата и литературата можат да вродат со плод само ако се работи на нивна децентрализација преку побрз, полесен и покреативен пристапот до информации и содржини за најмладите, преку креирање настани во кои тие ќе бидат директно вклучени, преку создавање здрави навики за читање и почитување на уметничкиот порив од најмали нозе – се согласија учесниците.
Караванот „Литера“ го посети и селото Чалакли, каде што се сретна со учениците од ОУ „Намик Кемал“. Писателот Махмед Ариф пред нив претстави дел од своите раскази, читаше од „Сликовницата на Халки“, а разговараше и на годинашната тема на фестивалот „Дом без граници“. Децата одговорија со прекрасни цртежи на кои домовите се секогаш отворени за оние кои страдаат и немаат покрив над главата. Нивната искреност и весел џагор се најголемата награда за тимот на „Литера“.
Слично на нив и дечињата во Казандол со голема возбуда учествуваа во работилниците за цртање, читање и пишување. Фасцинантна е нивната искрена желба светот да изгледа зелено, чисто и со прекрасни дрвја и цвеќиња, како во нивното маало.
Четвртото издание на фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ продолжува со изложба на дела на современи македонски илустратори на сродниот фестивал „Овца во кутија“, во Пазин, Хрватска. Четворица актуелни автори ќе се претстават во срцето на Истра на групна изложба од 12 до 16 септември.
Главен покровител на годинашното издание на фестивалот е Халкбанк АД Скопје и нивното детското штедење „Халки“.
Извор: Умно.мк