Ковачевски: На средбата во Софија ќе дискутираме за снабдување со струја преку Бугарија

На средбата во Софија ќе дискутираме за снабдувањето со електрична енергија преку Бугарија, како извозник на електрична енергија, како и за едно од барањата на Стопанската комора, а тоа е да биде обезбеден непречен проток на струја преку конекциите со Бугарија во текот на целиот зимски период, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Во минатото, како што појасни премиерот се има случувано при недостаток на електрична енергија тие водови да не бидат проточни за електрична енергија до Македонија и од таа причина тоа ќе биде една од темите на состанокот.

-Ние преку ресорниот министер за економија сме во постојана комуникација со министерството за енергетика на Бугарија. Во Бугарија во моментов има техничка влада бидејќи Бугарија се подготвува за избори, но тоа не беше пречка да имаме интензивна и нормална комуникација како две соседни држави, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека на состанокот ќе доминираат темите што се клучни за справување со најголемата криза што ја имаме од Втората светска војна.

Сепак, очекува на средбите во Софија со бугарскиот премиер Галаб Донев и со претседателот Румен Радев, покрај за енергетиката, да се разговара и за други прашања.

Read Previous

Лиз Трас e новата премиерка на Велика Британија

Read Next

Чомиќ: Македонците во Србија на 13 ноември на избори за свој Национален совет